„Една конфузна и незрела изјава на новиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во „Фајненшл тајмс“, предизвика лавина реакции во меѓународните медиуми кои сериозно ги подриваат тешко градените позиции во спорот со Грција“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „Фајненшл тајмс“, „Гардијан“ и „Тагесцајтунг“ се само дел од влијателните светски медиуми што пишуваа дека Македонија е подготвена и размислува за промена на името.

„Истите позиции ги пренесуваат и други весници, а сето тоа се злоупотребува од нашите соседи. Бугарскиот историчар Божидар Димитров срамно лицитира со имиња од типот „југозападна Бугарија“, а СДС упорно молчи наместо да ги штити угледот и честа на македонскиот народ и држава“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека сега, бидејќи ги води владата и Министерството за надворешни работи, СДСМ има обврска да се бори и да го брани македонскиот идентитет.