Фото: Арбнора Мехмети

Откако албанската опозициска коалиција Алијанса на Албанците-Алтернатива вчера поднесе барање за гласање на доверба во Собранието за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија за гласањето за недоверба кое беше иницирано поради бегството на Сашо Мијалков.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека неговата партија ќе ја поддржи интерпелацијата на министерот Оливер Спасовски. Тој вели дека постојат многу аргументи зошто да замине, како што го нарече, „најнеспособниот министер за внатрешни досега“ и дека се надева дека ќе имаат мнозинство во Собранието да ја изгласаат интерпелацијата.

Наспроти ВМРО-ДПМНЕ, владејачката партија СДСМ вели дека интерпелацијата на Оливер Спасовски нема да помине во Собранието. Од СДСМ велат дека на Мицкоски му тежи тоа што Оливер Спасовски успешно се справува со криминалот и корупцијата.

„На Христијан Мицкоски му е криво што не му успеа планот со Мијалков, што потфрли во исполнувањето на неговата единствена задача да ги одбрани криминалите на луѓето што го поставија на чело на белиот дворец“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од Алијанса на Албанците-Алтернатива заедно со интерпелацијата на Спасовски, вчера порачаа дека ќе побараат од земјите-членки на ЕУ да донесат тим од судии и обвинители кои повторно ќе ги отворат сите, според нив, монтирани процеси од осамостојувањето досега, за, како што истакна, сите корумпирани политичари да одговараат.