Наша историска и идеолошка определба, но и мандат даден од мнозинството граѓани, е заштитата на државните и на националните интереси во која било форма, велат од ВМРО-ДПМНЕ и истакнуваат дека ќе стојат цврсто на бедемот на одбраната на тие интереси.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи дефакторизација на македонскиот народ и на другите етнички заедници што живеат во Македонија. Тоа што го најавувавме за време на целата предизборна кампања, сега го гледаат сите. СДСМ се обидува сам со себе да се натпреварува во проширувањето на понудата кон албанските партии за да дојде на власт по секоја цена. СДСМ е цврсто влезен со намера за редефинирање на Република Македонија. СДСМ за оваа своја цел планира да го крши Уставот на Република Македонија. Тоа нема да го дозволиме“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ го потсетуваат СДСМ и секој друг кој што сака да се коцка со државните и со националните интереси дека во Република Македонија има и други кои мислат на тие интереси и кои се подготвени да се борат за нив.
Според ВМРО-ДПМНЕ, нивната коалиција победила на изборите освојувајќи мнозинска поддршка и доверба од граѓаните на Република Македонија што ја препознале намерата на СДСМ за редефинирање на државата.