ВМРО ДПМНЕ денеска ќе организира протест во 16 часот пред Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, каде се притворени шестмина нивни пратеници, како и неколкумина нивни поддржувачи. Тие се под истрага на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција поради насилствата во Собранието на 27 април годинава и се товарат за тероризам.
„Заев и неговата хунта со тоталитаристички методи се пресметуваат со сите оние кои вистински ја сакаат Македонија. Ги злоупотребуваат институциите и неправедно ги затвараат сите оние кои не се согласуваат со политиките на хунтата. Глумци, режисери, уметници и архитекти се притвараат за измислен тероризам само затоа што јавно говореа за распродавањето на националните интереси и за штетните државни политики кои во изминатиот период ги спроведува Заев и неговите послушници“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.