Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на денешната прес-конференција најави кривична пријава против Талат Џафери и директорот на Службен весник, Мартин Костовски за објавувањето на Законот за употреба на јазиците без потпис од претседателот на државата Ѓорге Иванов.
Тој повика сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на законот за двојазичност.
– Секое објавување во службен весник на законот за двојазичност без потпис на претседателот на државата не е ниту легално, ни легитимно и носи политички и правни последици. ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери и директорот на Службен весник, но и против сите за кои ќе биде утврдена одговорност дека го прекршиле законот за објавувањето на законот за двојазичност без потпис на претседателот на државата. Дополнително ќе поднесеме иницијатива за испитување на уставноста на законот за двојазичност до Уставниот суд. Со овој закон се урива уште еден темел на Република Македонија, еден темел кој ги поврзува сите етнички заедници кои живеат тука – рече Јанушев.