Без жрепка, Државната изборна комисија на денешната седница формално утврди дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде единствената партија на гласачкото ливче на предвремените парламентарни избори закажани на 5 јуни.

Листите на НДМ и официјално се отфрлени, бидејќи не се отстранети неправилностите.

На денешната седница, ДИК потврди дека СДПМ ги повлече своите кандидатски листи.

По гласањето, реагираа членовите на ДУИ, Субхи Јакупи, и на СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев.

Според Јакупи, досега во македонскиот плурализам не се случило на избори да биде поднесена само една листа поради што ДИК, на работен состанок, треба да поразговара, дали има уставна поткрепа за вакво нешто.

И Дума нагласи дека ДИК треба да размисли каква ќе биде ситуацијата со оглед дека е утврдена само една листа, додека за Милев, во ваков случај, граѓаните на Македонија практично ќе немаат избор.

На ова, Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ рече дека на потврдената листа не се наоѓа само една партија, туку се вкупно 21, а секоја партија и секој граѓанин, како што нагласи таа, во согласност со Уставот, има право самостојно да одлучи дали ќе учествува.

Бонева забележа и дека ова не е првпат во Македонија да има избори со само една листа.

Во петокот ДИК испрати писмо до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, со кое го информираше дека во одредени изборни единици има отстапување за повеќе од 5 отсто според бројот на гласачи.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во петокот поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на одлуката за распуштање на Собранието.

Од ДУИ побараа Уставниот суд да ја оцени одлуката за распуштање на Собранието како неуставна, за да може тоа повторно да заседава.