По исходот од вчерашните локални избори, на кои СДСМ извојува убедлива победа во повеќе од 40 општини уште во првиот круг, денеска целосен молк од ВМРО-ДПМНЕ, која доживеа тежок пораз.

На официјалната интернет-страница на ВМРО-ДПМНЕ нема објави денеска.

Го нема ниту синоќешното обраќање на партискиот лидер, Никола Груевски.

Нови објави нема ниту на официјалниот фејсбук-профил на Груевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска не одговараа ниту на нашите телефонски повици.

Партијата, која сега веќе е во опозициска улога и на локално ниво, денеска не испрати ниту едно соопштение до медиумите, ниту еден нејзин претставник не излезе со изјава, а засега нема ниту најави за некаква прес-конференција.

Ваквата ситуација е доста невообичаена за прв постизборен ден, а особено кога станува збор за најголемата опозициска партија, која до вчерашното гласање беше многу активна и дневно испраќаше по десетици соопштенија, интегрални текстови од изјави на нејзини членови и покани за настани.

Последните соопштенија, изјави, прес-конференции, говори и колумни се со датум од петокот, минатата недела, пред почетокот на изборниот молк за вчерашните локални избори.