Наместо проекти, гледаме само диви депонии, депонии кои горат, а никој не ги гаси и пожари на речиси секој дел од нашата земја кои СДС не може да ги згасне, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Пожарите горат, а владата на Заев се чешла. Неспособната влада дозволи и најмал пожар да се прошири во сериозни размери. Тоа се случи со пожарот во Зрновци, во Ѓорче Петров, како и со пожарот во Македонски Брод, кој веќе неколку дена се шири, а владата на СДС не се потруди да го запре и да го згасне бидејќи за нив се побитни луксузните вечери со Каракачанов отколку здравјето на граѓаните. Додека граѓаните деноноќно се задушуваат во чадот од депониите во Струга, Арачиново и во Тетово, функционерите на СДС си организираат средби со разно-разни амбасадори по луксузни хотели и јадат октоподи и морски плодови“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата наведуваат дека владата ги оставила граѓаните сами да се справуваат со еколошките проблеми, поради што ги повикаа невладините организации да ја осудат ваквата состојба.

„ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија која служи на граѓаните, ги повикува сите невладини организации на Соросовата фондација кои се фалат дека се грижат за здравјето на луѓето и за животната средина да се огласат и да го осудат неработењето на владата на СДС. Доколку овие невладини организации не го сторат тоа, на македонската јавност ќе ѝ докажат дека биле и останале мегафони во рацете на СДС, кои служеле само за да ја критикуваат владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Време е СДС да ги засука ракавите и да почне да работи во корист на граѓаните, а не да се однесува како да е од друга планета и ништо да не работи“, велат од партијата.

Заменик-директорот на Дирекцијата за спасување и заштита, Шабан Салиу, на синоќешната седница ја информираше Владата за состојбата со пожарите во областа на Македонски Брод и на други локации низ земјата.

На седницата било истакнато дека институциите се на терен сè до конечно згаснување и локализирање на пожарите, а беа преземени и обврски да се истражат причините за појава на зачестените пожари на повеќе локации во земјата.
Владата, исто така, изразила огромна благодарност до Република Бугарија, како и до Република Турција за испратената помош за справување со пожарите.