fbpx

ВМРО-ДПМНЕ ја напушти собраниската седница, за Спасовски интерпелацијата против него е чудна

-

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ја напушти собраниската седница на која се разгледува поднесената интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од страна на Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива поради бегството на Сашо Мијалков.

Од ВМРО-ДПМНЕ се налутија поради тоа што собранискиот спикер Талат Џафери им соопшти дека не ја поднеле навреме листата со говорници, како што се предвидува во членот 49 од собранискиот Деловник, односно 24 часа пред почетокот на седницата. Наместо вчера во 11 часот, од партијата ја доставиле листата во 14 часот, изјави претседателот на Собранието.

По ова, координаторот на пратеничката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски одржа прес-конференција, на која пратениците на партијата најавија интерпелација за претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тие сметаат дека биле отфрлени да говорат на интерпелацијата на Оливер Спасовски и истакнаа дека ова е обид да се забрани и замолкне повторно опозицијата „од страна на хибридниот режим кој е одлика на владеење на оваа власт“.

„По отфрлањето на двете интерпелации онаа за Љупчо Николовски и за Маричиќ, да се скрати правото на говор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, навика е веќе би рекол во ова Собрание авторитарно да се однесувате“, му порача координаторот Мицевски на спикерот Талат Џафери.

На собраниската седница пак, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека интерпелацијата во најмала рака е чудна, бидејќи Сашо Мијалков е во затвор, таму каде што му е местото, и на него и на голем број поранешни функционери – криминалци, кои бескрупулозно крадеа од народот наместо да работат за она за што се избрани, порача Спасовски.

„На истиот Мијалков, на кого името се плашевте да му го спомнете, со години наназад, сега гледаме како се зголемува бројот на години што ќе треба да ги одлежи. Каква иронија – идолот и идеологот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Мијалков е во затвор, а опозицијата поднесува интерпелација за министерот за внатрешни работи“, изјави министерот Спасовски.

Барањето за интерпелација на министерот за внатрешни работи ја образложи пратеникот на Алијанса на Албанците и Алтернатива Халил Снопче, кој кажа дека и покрај тоа што Мијалков е во притвор, самиот случај со неговото бегство,  подоцнежното појавување и реакцијата на властите, како и издавањето на пасоши на криминалци и други случаи, се причина за заминување на Спaсовски од Владата.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески објасни дека нивни пратеници нема да имаат обраќања бидејќи интерпелацијата е беспредметна, поради тоа што Сашо Мијалков, за чиј случај е поднесена интерпелацијата, веќе е во притвор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...