Игор Јанушев фото: ВМРО ДПМНЕ
Фото: ВМРО ДПМНЕ

Опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ денеска побара во подготовката на измените на Иборниот законик да се вклучи меѓународната заедница како и да се воведат машини за отпечатоци на прсти за локалните избори, за, како што велат, да нема злоупотреби при гласањето. Според пратеникот Игор Јанушев, за ова во изминатиот период течеле преговори меѓу работни групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, но од страна на владината коалиција имало опструкции.

ВМРО ДПМНЕ упатува апел до меѓународната заедница да реагира и да изврши притисок до власта за да го почитува законот.

„До локланите избори има уште седум месеци што е доволно време за да реагира и меѓународната заедница. Одговорноста е и на меѓународниот фактор“, рече Јанушев.

Од опозициската партија велат дека обврската за користење на отисок од прст, наместо досегашните спреј и УВ ламба се на сила од 16.02.2020 година. Но, и покрај тоа, додава Јанушев, Владата во буџетот за 2021 година не предвидела средста за набавка на уреди за отчитување на отисоци за прсти.

Во врска со обвинувањата од страна на ВМРО ДПМНЕ, во одговор на новинарско прашање, координаторот на пратеничката грипа на СДСМ, Јован Митрески, посочи дека СДСМ не е против користење отпечатоци од прсти на локалните избори.

„За измени на Изборниот законик, мора да обезбедиме консензус. Оние дилеми кај другите политички чинители се поврзани со тоа што може или треба да се направат измени во Законот, за да се префрлат базите на податоци од МВР. Се поставува дилемата, што ако во случај во текот на денот на гласање се случи дефект, паѓање на мрежа и слично, дали треба да биде прекинато гласањето или да има и други опции, како би гласале граѓаните“, рече Митрески.

Инаку, како што неодамна објави Мета.мк, според Елена Стојановска, аналитичарка од областа на заштита на личните податоци од Фондацијата Метаморфозис, измените на Изборниот законик во правец на воведување на обработката на отпечатоци од прст не треба да бидат брзо решение за обезбедување на правен основ за замисленото.

Таа цени дека процесот треба да започне со анализа на можните ризици по приватноста на граѓаните и јасно да биде уредено која институција ќе ги собира податоците, кој ќе има пристап до нив и кои мерки ќе бидат преземени за заштита, па дури потоа да се предлагаат измени на Изборниот законик.