Извор на фотографија: Фејсбук страница на Собрание на РСМ

Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесуваат интерпелација за собранискиот спикер Талат Џафери. Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова денеска во парламентот образложи дека интерпелацијата ја поднесуваат поради обраќањето на спикерот Џафери во Европскиот Парламент во Брисел на албански јазик.

„Можеби се ова најтешките моменти на атак на македонскиот јазик не само однадвор, од соседството туку и одвнатре. Суспендирајќи го македонскиот јазик како ексклузивен во меѓународната комуникација тој го атакуваше одвнатре“, изјави пратеничката Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.

Како втора причина за интерпелација, за Силјановска-Давкова била бизарната номотехника што се применува извесно време во Собранието, а тоа е што од неодамна сите материјали вклучувајќи ги и законите пратениците ги добивале во две поглавја. На левата страна на македонски, на десната страна на албански јазик.

Според неа, ова е спротивно на Уставот, законот и Деловник на Собранието. Воедно, таа повторно го наведе гласањето со скафандерите на двајца пратеници во екот на ковид-19 пандемијата како уште една причина за интерпелација на Џафери.

Од Левица излегоа со соопштение за јавност, во кое велат дека целосно ја поддржуваат интерпелацијата за спикерот Џафери поднесена од ВМРО-ДПМНЕ. И тие како и од ВМРО-ДПМНЕ, ги наведуваат идентичните три причини поради кои претседателот на Собранието на РСМ треба да биде разрешен.