Назадувањето на листата на „Транспаренси интернешнел“ е резултат на работењето на генералниот секретар Оливер Спасовски како технички министер во МВР и на работењето на Фросина Ременски како технички министер за труд и социјална политика, обвини на партиска прес-конференција Даниела Рангелова, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа рече дека враќањето на СДСМ на власт би значело корупција, неодговорност и разградување на институциите, што, како што рече, не можела да го сокрие ниту невладината „Транспаренси интернешнел“ која е „блиска до Сорос и СДСМ“.
– Оливер Спасовски ќе остане запаметен по тоа што цела година откако ја извршуваше функцијата технички министер, не реализираше ниту една акција за сузбивање на криминалот и на корупцијата, туку се фотографираше и се движеше во присуство на криминалци и на лица од подземјето – обвини Рангелова.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ за падот на Македонија за 24 места на глобалниот индекс на перцепција на корупцијата во јавниот сектор, подготвен од „Транспаренси интернешнел“ (ТИ), ја обвини и специјалната обвинителка Катица Јанева. Рече дека таа се ставила во заштита на криминалот, при што првиот чекор ѝ бил укинувањето на притворот на Зоран Верушевски, а нејзиниот непрофесионализам и пристрасност, како што рече Рангелова, кулминирал со „аболицијата на криминалецот Зоран Заев“ за неговата одговорност во случајот „Пуч“.