Покрај веќе познатиот предлог за Драган Ковачки за технички министер за внатрешни работи, опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ денеска излезе со имињата и на другите министри и заменици што планира да ги внесе во претстојната техничка влада. За технички министер за труд и социјална политика е предложена Рашела Мизрахи, доктор на науки по биохемија, која што не била активна на позиции во оваа партија во минатиот период.

ВМРО – ДПМНЕ за нов заменик министер за земјоделие го предлага Цветан Трипуновски, којшто до 2017 година ја извршуваше функцијата директор на Државниот земјоделски инспекторат, а во моментов е член на извршниот комитет на партијата.

За нов заменик министер за финансии од страна на ВМРО – ДПМНЕ ќе биде предложена Гордана Димитриеска Кочоска. Магистерката по економски науки во моментов работи во приватна компанија, но во периодот кога лидерот Христијан Мицкоски бил директор на ЕЛЕМ, Димитриеска Кочоска била директор за финансии во државната компанија.

Од ВМРО – ДПМНЕ информираат дека за нов заменик министер за информатичко општество и администрација ќе ја предложат актуелната пратеничка во собранието, Невенка Стаменковска Стојковски.

Од опозициската партија се убедени дека со предложените имиња ќе се избере техничката влада на 3 јануари, која што ќе има за задача да ги спроведе предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април 2020 година.

Од владејачката СДСМ веќе се изјаснија дека спорен е предлогот за Драган Ковачки да биде технички министер за внатрешни работи. Социјалдемократите јавно ја повикаа ВМРО – ДПМНЕ да се откаже предлогот за Ковачки, а во спротивно тие нема да гласаат за него во Собранието. Воедно, од СДСМ велат дека техничкиот премиер Оливер Спасовски нема да го предложи Ковачки за министер за внатрешни работи во претстојната техничка влада.