Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека со новиот предлог-закон за Специјалното јавно обвинителство, нема да бара амнестија за обвинетите лица, но ќе предложи постапка според која ќе се смени сегашниот тим на СЈО, предводен од Катица Јанева, известува „Порталб“.

-Секако предлагаме нов тим на СЈО, никој не е вечен. Во една демократска држава, во таква институција, секој треба да биде предмет на избор и реизбор. Вечноста постоела во феудалното друштво. Ќе предложиме нов процес, а кој ќе биде избран, тоа е друга работа – вели за „Порталб“ главниот преговарач на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Менкиноски, и додава дека истакнати правници работат на подготовка на нов нацрт-законот за СЈО и работата наскоро ќе биде завршена, а потоа ќе го достават до Министерството за правда.

Во однос на обвинувањата кон опозицијата дека ВМРО-ДПМНЕ бара „скриена амнестија“, Менкиноски ги отфрла таквите тврдења, нагласувајќи дека СДСМ е добро познат по амнестии.

-Амнестија има, но за Катица Јанева, односно СДСМ бара амнестија за Јанева, за случаите по 30 јуни 2017 година, во тој дел има амнестија, а во другиот дел нема. Ниту, пак, имаме каква било намера некого да амнестираме, ниту ќе амнестираме. Во однос на амнестијата, тоа е прерогатив на СДСМ, тие ги имаат направено сите амнестии во Македонија – вели Менкиноски.

„Порталб“ контактираше и со Министерството за правда, но тие истакнаа дека остануваат на тоа што го изјавиле претходно и дека ќе се изјаснат откако официјално ќе го добијат новиот предлог-закон најавен од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со нетрпение го очекуваме текстот на ВМРО-ДПМНЕ. Кога ќе го добиеме, ќе се изјасниме. Доколку има подобрувања на текстот, секако ќе бидат прифатени. Ако има скриена амнестија, нема да биде прифатена“, велат од Министерството за правда.

Инаку, мандатот на СЈО истекува во септември, додека разговорите за Законот за јавно обвинителство, со кој се предвидува интеграција на СЈО во Јавното обвинителство, се водат уште од март, но сé уште нема договор. Несогласувањата меѓу власта и опозицијата се во врска со член 105, кој е клучна пречка за донесување на Законот за јавно обвинителство, што вклучува и определување на статусот на Специјалното обвинителство, а се однесува на продолжувањето на постапките и користењето докази кои се собрани досега.

Опозицијата преку измена на членот 105, бара да се отфрлат сите обвиненија покренати од СЈО по јуни 2017 година. Од Министерството за правда истакнуваат дека нема да има компромиси со продолжување на гонењето на извршените кривични дела и дека за оваа институција, нема да биде прифатливо да се наметнат одредби што ги бара опозицијата, а што на некој начин значат скриена амнестија за некои дела.