ВМРО-ДПМНЕ бара нови парламентарни избори заедно со локалните

-

ВМРО-ДПМНЕ чувствува обврска да ја почитува волјата на мнозинството граѓани кои гласаа за Коалицијата за подобра Македонија и од таа причина, како и поради нашата стратешка определба, нема да дозволиме да се донесат никакви решенија што се спротивни на државните и на национални интереси, стои во денешното партиско соопштение.

„Зоран Заев и СДСМ гледаат позитивно кон платформата од Тирана. Зоран Заев и СДСМ немаат проблем да дебатираат за менување на химната, грбот и знамето со крајна цел – соодветно да бидат претставени и Албанците. Зоран Заев и СДСМ немаат проблем да се преземе обврска да се промени името во рок од една година само за да се задоволи барањето од сеалбанската платформа за брз влез во НАТО. Зоран Заев и СДСМ немаат проблем да го прогласат албанскиот јазик и неговото писмо за официјален државен јазик, заедно со македонскиот и неговото кирилско писмо. Зоран Заев и СДСМ немаат проблем да ги променат банкнотите, униформите, написите. Со оглед дека деталите од договорот и од платформата ги држат во тајност, Зоран Заев и СДСМ кој знае на што сè друго се подготвени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека во овој момент најважно е на што се подготвени граѓаните, односно дали граѓаните се подготвени за редефинирање на Република Македонија и за нејзино претворање од мултиетничка во бинационална држава.

„Одговорот за сите овие прашања најдобро ќе се добие на нови предвремени парламентарни избори! Легитимно е Зоран Заев и СДСМ да мислат дека платформата од Тирана е позитивна за земјава, но крајниот суд околу платформата треба да го дадат граѓаните. Тие не гласаа во декември за сите овие елементи од платформата. Се ближат локалните избори и најдобар излез од оваа криза е доколку Зоран Заев се охрабри и се согласи да ја постави платформата пред граѓаните. На ист трошок тие ќе гласаат и за локалните власти, но ќе се произнесат и околу платформата од Тирана“, се вели во соопштението.

Од партијата ги повикуваат Заев и СДСМ, доколку имаат сомнеж дека платформата од Тирана е штетна за Македонија, да ја отфрлат.

„Во таков случај би им помогнале на Зоран Заев и на СДСМ да формираат влада каква што сакаат и покрај тоа што загубија на изборите. Цената ќе биде далеку помала отколку цената што ќе ја плаќаат сите идни генерации доколку Зоран Заев и СДСМ не ги отфрлат уцените“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Искористени се дури 72 oтсто од вакцините против сезонски грип

Од вкупно 72.600 дози четиривалентна вакцина против сезонски грип кои ги набави Министерството за здравство (во кои се вклучени и 2.600 комерцијални вакцини), искористени досега се 52.687, односно 72...