Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложила специјална државна комисија за справување со пандемија која ќе брои 11 члена, но овој предлот министерот за здравство Венко Филипче го одбил, информираше Антонијо Милошоски.

Според предлогот на ВМРО-ДПМНЕ оваа Комисија би ја сочинувале министерот за здравство и директорот за Центарот за управување со кризи, а внатре би членувале специјалисти инфектолози тројца членови, епидемиолози двајца членови, микробиолози двајца членови, еден имунолог и еден специјалист интернист.

„На наше разочарување, оваа идеја и предлог не беа прифатени од министерот за здравство. Очигледно е дека министерот за здравство за разлика од мнозинството во јавноста сè уште има блиска доверба во неговата советодавна Комисија за Ковид, која ја предводи докторот Караџовски, за која сметаме дека носи дел од одговорноста за многу ненавремени мерки или за несоодветно преземање мерки изминативе пет месеци. Затоа сметаме дека Македонија мора да реагира посериозно, мора некој да преземе одговорност за сегашната ситуација и мора постручни лица да ги заземат местата на оние членови на Комисијата кои одеа на концертот на Владо Георгиев во дискотеката ‘Мош’“, рече Милошоски.

Според министерот за здравство Венко Филипче во Комисијата за заразни болести членуваат врвни професионалци, експерти во својата област, а барањето на ВМРО-ДПМНЕ го оценува како начин да се прикаже наводна грижа и конструктивност, а всушност тој предлог е целосно неиздржан.

„Ова е смислен и тенденциозен обид за дневно-политички поени кој директно го загрозува здравјето на населението. Од почеток на ковид кризата во земјата, од опозицијата не видовме ништо друго освен неконструктивно делување, опструкции и критики кон сите кои даваат максимални напори во справување со вирусот во земјата. Заменичката министерка за финансии во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со месеци го одолговлекуваше и воопшто не го ни потпиша заемот од Светска банка. Уште една во низата постапки со кои тие ја потврдуваат својата деструктивна политика е фактот дека последното нешто на што размислуваат е здравјето на граѓаните е постојаното дискредитирање на Комисијата за заразни болести, омаловажувајќи ја и експертизата на членовите и нивниот труд во справувањето со кризата“, смета Филипче.