ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска го потпиша договорот за пречистителната станица за кој разреши директор

Меѓународниот тендер беше распишан во јуни 2020 година, а одолговлекувањето на тендерската постапка доведе и до пролонгирање на рокот за почеток на градежните работи

Постојната пречистителна станица за отпадни води на реката Лепенец во Скопје; Фото: Мета.мк

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски објави дека скопската градоначалничка Данела Арсовска вчера го потпишала договорот за изградба на скопската пречистителна станица, поради кој претходно го разреши поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински.

„Со ставањето на потпис на договорот за пречистителна станица, Данела Арсовска стави потпис на признанието дека лажела, манипулирала, лажно обвинувала и дека со лаги се обиде да изманипулира процес за најголемиот и најскап проект за Скопје“, изјави портпаролот Стоилковски.

Тој додаде дека се работи за истиот договор со Европската инвестициска банка (ЕИБ), за проект во којшто потпретседателката на ЕИБ ја демантираше Арсовска,  со што ги извади лагите на површина.

„Сега и Арсовска го потпишува истиот договор со што признава дека, едноставно, лажно го обвини дека влијаел врз тендерската документација и на сила го смени Златко Перински од директорското место во Водовод и Канализација“, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој ја праша скопската градоначалничка дали ќе се извини за клеветите што ги изнела врз Златко Перински, Христијан Мицкоски и врз ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, скопската градоначалничка Данела Арсовска со ВМРО-ДПМНЕ почнаа расправија во септември 2022 година токму за тендерот поврзан со пречистителната станица за отпадни води што треба да се гради во скопското село Трубарево. Тогаш Перински беше разречен од директорската функција, при што ја обвини Арсовска дека барала од него промена на членовите на евалуационата комисија за изградба на пречистителната станица.

Перински контра Арсовска за Пречистителната станица

Пред околу три недели, земјава доби неповратни средства во висина од 70 милиони евра од ЕУ за изградба на пречистителната станица за отпадни води, кој претставува капитален проект тежок 200 милиони евра. Скопската градоначалничка Арсовска беше на потпишувањето на договорот за доделување грант. Министерката Каја Шукова тогаш изјави дека работат на надминување на предизвиците со Градот Скопје и дека разговарале со градоначалничката Данела Арсовска за договорите наскоро да бидат потпишани.

ЕУ грант од 70 милиони евра за скопската пречистителна станица, се чека договорот за изведувач

Инаку, потпретседателката на Европската инвестициска банка и самата потврди дека тендерот за изградба на пречистителната станица во Скопје се одвивал без проблеми, посочувајќи дека тие следеле посебни правила и процедури и вршеле надзор со вонредни и редовни контроли на процесот на јавната набавка.

Изградбата на пречистителната станица за отпадни води е круцијален проект за главниот град, со којшто ќе се врши прочистување на отпадните води на над половина милион жители на главниот град. Меѓународниот тендер беше распишан во јуни 2020 година, а одолговлекувањето на тендерската постапка доведува и до пролонгирање на рокот за отпочнување на градежните работи. Првичниот краен рок за завршување на изградбата беше 2026 година.

Поништувањето на тендерот за пречистителната станица во Скопје ќе го загрози членството во ЕУ