fbpx

Влошената ситуација со ковид може да ги одложи вонредните локални избори во Штип и Пласница?

-

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ деновиве треба да заседава, меѓудругото и по најавата јавно изнесена од лидерот Христијан Мицковски за одлагање на вонредните локални избори за градоначалник во Штип и Пласница. Бројките на починати од ковид-19 и секојдневниот висок број на новозаболени дава повод и за едно такво размислување меѓу политичките партии, кои на 13 декември ги очекуваат избори за градоначалник во двете општини.

Како ќе се води кампања, но пред сè колку граѓаните ќе излезат на избори е прашање што бара сериозна опсервација. Засега, најавата на ВМРО-ДПМНЕ е неформална, дадена во интервју на лидерот Мицкоски. Oфицијално до институциите нема доставено вакво барање. Вонредните локални избори ги закажа пртеседателот на Собранието, Талат Џафери и тука треба да се бара решението.

Во општинската организација на СДСМ во Штип течат редовните процедури за кандидирање, кои завршуваат на 7 ноември, кога е крајниот рок до кога се поднесуваат кандидатури.

„Најавите на ВМРО-ДПМНЕ за можно одлагање на изборите се неформални. Како такви ги сметаме додека нема доставено официјално барање до надлежните институции“, изјави Александар Кангалов, претседател на ОО на СДСМ во Штип.

Во тек е внатрепартиска консултација околу предлог кандидатот за градоначалник. Од петнаесетина предлози по месните организации, според Кангалов, се издвојуваат имињата на пет–шест кандидати.

Од друга страна, во ВМРО-ДПМНЕ неофицијален кандидат е пратеникот Иван Јорданов, кој не е потврден од највисокото партиско тело. Меѓутоа, во штипскиот комитет на опозициската партија очекуваат Јорданов да се формализира и на заседанието на Извршниот комитет.

„Во разговори сме и околу можното решение – дали со официјално барање за одлагање на изборите или амандман на законот со кој би се продолжил мандатот на актуелниот в.д. градоначалник до редовниот термин на одржување на локалните избори. Во тек се консултации, по што ќе заземеме став“, вели Иван Јорданов, пратеник и координатор на ВМРО-ДПМНЕ од Штип.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски, денеска во телевизиско гостување кажа дека Комисијата постапува во согласност со законските рокови, меѓутоа, негово лично мислење е дека сега не е време за избори.

„Со оглед на ситуацијата, навистина е комплицирано. Бидејќи се работи за вонредни локални избори, можеше да се надмине ситуацијата и на друг начин, без да се комплицира и да се најде соломонско законско решение, кое ќе го надминеше овој десетмесечен период, кој се појавува како вакуум до наредните редовни локални избори, со надеж дека до тогаш ќе се подобри работата. Во оваа ситуација, законските решенија се такви какви што се и мора да се постапува по нив“, изјави Дерковски.

Доколку нема промени во ставот за одржување на изборите, двете големи партии веројатно ќе останат доследни на практиката за јавно објавување на кандидатите до последен ден. Засега е извесно дека на претстојните вонредни локални избори во Штип ќе има и независен кандидат. Трајче Митев во определениот рок успеа да собере 267 потписи од потребните 250, со што се кандидира за изборите. Ова ќе биде негов втор обид, по локалните избори во 2005 година.  

Вонредните локални избори во Штип и Пласница се организираат откако штипскиот градоначалник Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски, додека градоначалникот на Пласница, Исмаил Јахоски стана пратеник во Собранието.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...