По повод 50-годишнината од појавата на култниот стрип „Алан Форд“, новинската агенција „Мета.мк“ го испитува неговото влијание на културата во Македонија преку разговори соосновачот на стрип-книжарницата „Бункер“ Јован Битољану и со фронтменот на музичката група „Суперхикс“, Пеце Младеновски.

Стрипот „Алан Форд“, црнохуморна гротеска која преку безмилосна сатира ги исмева сите маани на општеството, па и политиката на левите и десните, за прв пат објавен во Италија во 1969 година, а две години подоцна почна да излегува и низ цела Југославија и набргу стекна широка популарност. Јован Битољану, соосновач на скопската стрип-книжарница „Бункер“ и теоретичар на стрипот, објаснува зошто:

– Алан Форд не доживеа никаде во светот толкав успех како (условно кажано) на „нашето подрачје“ на бивша Југославија. Може многу паралели да извлечеме од стрипот и тогашната социјална ситуација, што навидум пркосеа на политичките и економските елити, па токму затоа често беа цензурирани: кадри, табли, симболи или пак цели епизоди од Алан Форд. Тоа веројатно му било една голема мака на Ненад Брикси како преведувач, кој (заедно со неговиот син Давор) може со право да се смета како „третиот“ автор на Алан Форд покрај Магнус и Бункер (кој и делумно е инспирација за името на продавницата). Тој го прилагоди духот на Алан Форд на начин кој му пркосеше на напливот на национализам во тоа време. Затоа Јерговиќ и ќе каже: „Хуморот е посилен од национализмот“. Не дека Алан Форд не е сè уште применлив како социјална критика на денешното општество, туку едноставно медиумот не е толку прифатен како што некогаш беше. Алан Форд останува безвременски како и неговите незаборавни слогани – вели Битољану.

Според него, македонската публика сè  уште ги чита изданијата на Алан Форд кои се увезуваат од Хрватска и Србија.

– Алан Форд иако е за прв пат објавен во ’69 (под влијание на протестите од 68), и по 50 години тој сè уште е актуелен и баран од различни генерации во нашата продавница. Најмногу се читани првите 75 епизоди каде што црта Магнус (Роберто Равиола) како и епизодите со Суперхик кој како антихерој краде од сиромашните да им даде на богатите. Впрочем, ретко се случува да влезе некој што на времето го читал Алан Форд а да не посегне по него, да се потсети на некои други времиња, кога сите ги чекале стриповите на локалната трафика. Од таа гледна точка, Алан Форд им припаѓа на постарите генерации кои ни го оставиле нам, на помладите како вредно интелектуално наследство – вели тој.

На регионално ниво, „Алан Форд“ има извршено влијание на низа полиња, особено на босанските „надралисти“ и ним сродниот Кустурица, српските црни комедии на Шијан и Балетиќ, а како важен фактор во развојот на неговиот хумористично-критички израз го споменува и црногорскиот музичар Рамбо Амадеус.

Едно од најочевидните влијанија на „Алан Форд“ на современата македонска популарна култура е во тоа што и самото име на популарниот рок-ска-панк-реге бенд „Суперхикс“ се заснова на името маркатниот лик од стрипот чија супер-моќ е алкохолизираниот здив.

На оваа тема „Мета.мк“ разговараше со Пеце Младеновски, фронтменот на бендот.

– Името на бендот е преземено од најголемиот Аланфордовски антихерој претставен преку ликот на Суперхик – антијунак кој краде од сиромашните за да им даде на богатите. Во таа средина на деведесеттите кога „Суперхикс“ се оформија тој антихерој страшно не потсетуваше на транзициските политички „херои“ кои го осиромашувааа и онака сиромашното население на сметка на разниразни олигарси и сомнителни новопечени бизнисмени, чии сметки се полнеа преку ноќ. За жал и по цели 25 години (бендот оваа година слави јубилеј!) локалните „Суперхиковци“ се уште ги има во голем број и државата никако не наоѓа решение (или не сака – поверојатно) да се пресмета со нив – вели Младеновски.

Тој додава дека нивниот пристап е воден од Аланфордовски мисли како „Подобро да издадеш плоча отколку пријател”, па токму затоа пред некоја година објавиле и винилно издание. Според него, влијанието на стрипот се огледа врз целокупниот опус на „Суперхикс“.

Инаку стилот на пишување, хуморот, сарказмот на Број 1, Сир Оливер, Грунф, Боб Рок и компанијата влијае на самиот стил на пишување и на текстовите и песните на „Суперхикс“ од почетоците до денес. Благодарение на нивното дефинитивно влијание на нас како песнописци се родија песните како „Африка“, „Чкембе Чорба“, „Ти треба некој“, „Жена Маж“, „Глупави Песни“, „Раде“, „Пауза“, „Мајмуни“ и куп други. Честит нека ни е јубилејот и нам и на двојно постарите наши идоли од „Алан Форд“!

Илустрацијата во која богаташите на Њујорк подигаат споменик на Суперхик е преземена од епизодата на „Алан Форд“ бр. 28 насловена „Суперхик, скршеното шише“, оригинално објавена 1972 г.