Меѓу ветувањата за туристички развој и реалноста на терен, Попова Шапка продолжува да се соочува со хаос, неефикасно управување и институционална небрежност, пишува Порталб.мк во написот кој го пренесуваме во целост.
Со почетокот на скијачката сезона започна и долгогодишниот проблем со насобраниот отпад. И пак, на влезот во туристичкиот центар е создадена „депонија“.
Оваа глетка предизвика револт кај граѓаните. Тие се жалат.
„Катастрофа, даваат големи ветувања, а не се во можност ни да го исчистат отпадот, не можеме да очекуваме ништо повеќе“, рече еден граѓанин.
„Оваа ситуација се повторува секоја година, ништо не се менува“, рече еден груг граѓанин.
„И оваа година е хаос, патиштата се во лоша состојба, нема паркинзи, отпадот не се собира редовно“, рече еден граѓанин.
Општинскиот советник од коалицијата на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Берат Мурати, нагласува дека состојбата со отпадот во Попова Шапка е алармантна и неприфатлива за еден туристички центар кој треба да биде гордост на земјата.
„Несоодветното управување, непоставувањето на доволно контејнери и институционалната небрежност сериозно ја оштетуваат животната средина и имиџот на ова подрачје. Бараме итна акција од одговорните институции: итно чистење, одржлив план за управување со отпадот и конкретна одговорност. Попова Шапка заслужува грижа, а не негрижа“, рече Мурати.
Од Општина Тетово нагласуваат дека чистењето на отпадот е одговорност на компанијата „Заубермахер“.
„Одговорност на компанијата е да управува со отпадот. Вчера контактиравме со компанијата и побаравме да реагира во Попова Шапка, односно да го исчисти просторот на влезот на Попова Шапка“, изјави Албион Алили, портпарол на општината.
Во меѓувреме, од компанијата „Заубермахер“ се правдаат дека комуналниот отпад во Попова Шапка се собира редовно, во согласност со динамиката предвидена во оперативниот план, односно според редовниот распоред секој петок и секој понеделник попладне.
„Во текот на зимскиот период – зимските празници, предвидено е отпадот да се собира секој ден по 15:00 часот, а за време на викендите и државните празници собирањето/агрегацијата се врши по 19:00 часот“, изјавија од Заубермахер.
Од таму додаваат дека мора да се земат предвид климатските услови и сообраќајните ограничувања воспоставени од надлежните институции.
„На 11.01.2026 година, поради снежните врнежи и непроодните патишта, имаше забрана за сообраќај за камиони и беше оневозможен пристапот до локацијата. На 12.01.2026 година, камионот можеше да стигне до локацијата дури по 15:00 часот. Со оглед на ситуацијата, околу 13:00 часот истиот ден нашата екипа со специјалното камионче се обиде да се искачи, но поради густиот сообраќај и непроодниот пат до локацијата полицијата ја запре екипата и камионот и им наложи да паркираат на локацијата на претпријатието „Македонијапат“, каде што екипата остана повеќе од 2 часа на лице место“, изјавија од Заубермахер.
Понатаму додадоа дека екипата на Заубермахер Тетово пристигнала на локацијата по 15:00 часот, и биле испразнети сите контејнери, односно локацијата била целосно исчистена.
„Нагласуваме дека во зимскиот период отпадот се собира секој ден по 15:00 часот, а за време на викендите и празниците по 19:00 часот“, изјавија од Заубермахер.
Новата скијачка сезона на Попова Шапка започна без никаква посебна организација за отворање како што се правеше во претходните години. Оваа година се покачија цените на сезонските и дневните ски-билети.
Попова Шапка, иако е меѓу најдобрите зимски дестинации на Балканот и пошироко, со години е запоставена без инвестиции.
Меѓу најголемите проблеми се урбанистичкиот хаос, недостатокот на паркинг места, лошото управување со отпадот, дивоградбите и многу други.
И покрај фактот што властите со години најавуваат странски инвестиции вредни милиони, сè уште нема нкаков договор и ништо конкретно на терен.
Извор: Порталб.мк
