fbpx

Влатко Ѓорчев со претседателски амбиции и политички стаж без криминален багаж

-

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко  Ѓорчев, е првиот кој се охрабри јавно да ги соопшти своите амбиции да влезе во битката за шеф на државата. Тој уште пред една недела (23.01.2019), објави дека се пријавил на конкурсот на ВМРО-ДПМНЕ за претседателски кандидат, кој трае до денеска, пишува „Вистиномер“.

Ѓорчев е дипломиран политиколог, кој во август минатата година наполни 40 години и со тоа формално го исполни уставниот услов за да може да се кандидира за претседател на државата. Оженет е со Сузана Питри, Американка од Охајо и имаат четири деца: Марта (8), Филип (6), Никола (5) и Катерина (2).

Иако е млад, има долг политички стаж повеќе од 20 години. Член на ВМРО-ДПМНЕ е уште од 1996 година. Пошироката јавност првпат слушна за Ѓорчев на почетокот на 1997 година за време на студентско-средношколските протести против употребата на албанскиот јазик на Педагошката академија во Скопје. Некаде во тој период започнува и неговиот пробив во политиката, најпрво низ структурите на својата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и како партиски портпарол (2001 -2004).

Лојален на сите лидери на ВМРО-ДПМНЕ

Ѓорчев веќе 13 години е пратеник во Собранието на Република Македонија, учесник е во пет собраниски состави. За првпат е избран за пратеник на изборите во 2006 година, а потоа следат уште четири мандати  во 2008, 2011, 2014 и 2016 година. На сите избори од 2006 година наваму е носител на кандидатска листа во третата или во шестата изборна единица и има заслуги за изборните победи на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, освен пратеничкиот мандат, немаше други функции во текот на едондецениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ и не беше дел од ниту една влада предводена од Никола Груевски.

Сиве овие години Ѓорчев е ревносен бранител на политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Неговите ставови секогаш биле во линија на генералната партиска политика независно кој стоел на партиското кормило. Тој со иста препознатлива жестина ги застапуваше партиските ставови како портпарол во времето на Љубчо Георгиевски, како пратеник во Собранието за време на 11-годишното владеење на Груевски, а остана лојален и на новото раководство предводено од Христијан Мицкоски, а краток период беше в.д. координатор на пратеничката група.

Голема „километража“, но без криминален багаж

Влатко Ѓорчев има голема километража во политиката и, иако може да се спори со неговите ставови, реториката, па и театралноста со која знае да ги обои настапите, тој, сепак, е еден од ретките експонирани кадри на ВМРО-ДПМНЕ кој на грбот нема криминален багаж, а, исто така, не можат да му се залепат етикети дека е антиевропски настроен.

Сепак, јавноста му забележува што никогаш не се одважи да се дистанцира или, пак,  огради од штетните политики на својот поранешен лидер Никола Груевски.

Но исто така, треба да се каже и дека Ѓорчев одигра исклучително позитивна улога за време на крвавиот собраниски инцидент од 27 април 2017 година, кога несебично и со жив штит ги бранеше нападнатите колеги пратеници и помогна во нивното спасување и извлекување од Собранието. За неговата постапка во Парламентот доби јавна благодарност од пратениците од СДСМ и од ДУИ. Социјалдемократот Хари Локвенец на едно од рочиштата од судењето поврзано со овој настан сведочеше дека „Ѓорчев се однесувал кон нив како кон сопствените деца, обидувајќи се да ги заштити од сите опасности“.

Повеќе за биографијата на Влатко Ѓорчев може да прочитате во Вистиномер.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...