Фото: Possessed Photography на Unsplash

Веста за целосната замена на службените возила на американската администрација со нови возила на електричен погон помина стихијно во Македонија. Во функција на исполнување на климатската агенда на новата влада на САД, американскиот претседател Џо Бајден ја донесе одлуката за замена на речиси 650.000 службени возила со возила на електричен погон. Иако не е поставена прецизна временска рамка и извршната наредба на Бајден не обврзува набавка на електрични возила, таа значи дека во наредните години САД ќе работат на олеснување на последиците од климатската криза и преку својот личен пример, па така американската администрација ќе го стимулира користењето на електричните автомобили во САД.

„Мета.мк“ постави прашања до македонските државни и локални власти во однос на ваквата одлука на американскиот претседател Џо Бајден, особено ако се земе во предвид фактот дека увозот на електрични автомобили во земјава е рамен на статистичка грешка, а потрошувачката на дизел горивото, како најголем загадувач на воздухот, во последниве години во континуитет се зголемува.

Во однос на прашањето дали постои план од македонската влада за постепена замена на службениот возен парк со електрични возила во наредниот период, следниов одговор во име на Владата на РСМ го добивме од Министерството за економија:

„Владата на Република Северна Македонија со сериозност пристапува кон ова прашање. Евентуалната набавка за возниот парк на Владата, темата би се актуелизирала по завршувањето на глобалната криза предизвикана од Пандемијата. Сите напори на Владата во овој период се насочени кон помош на сите и за ублажување на последиците“, велат за „Мета.мк“ од извршната власт во контекст на ковид-19 пандемијата.

Од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) за „Мета.мк“ велат дека како точка на дискусија на дневен ред на седниците на Управниот одбор на ЗЕЛС не се дискутирало за замена на општинските службени возила со возила на електричен погон.

„Имаме сознанија дека одредени единици на локална власт интензивно размислуваат за преземање на одредени чекори во овој правец, а некои и веќе имаат набавено вакви возила поодамна“, велат од ЗЕЛС.

Позитивен исчекор во оваа насока направи Градот Скопје во 2019 година, кога набави шест хибридни автомобили за потребите на администрацијата, со што ги замени дотогашните дизел возила кои имале многу поголемо учество во загадувањето на воздухот во Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов вети дека додека го предводи Градот Скопје, сите возила за градската администрација што ќе се набавуваат во иднина ќе бидат на електричен или на хибриден погон.

И покрај ковид кризата, Електронскиот систем за јавни набавки покажува дека државни јавни претпријатија, акционерски друштва и други субјекти во сопственост на државата и општините во изминативе месеци, за време на ковид-19 пандемијата, сепак набавувале нови службени возила. Ниту едно од нив не е на електричен погон, бидејќи никој не ги обврзува на вакво нешто.

АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост на 11 јануари годинава набавило четири автомобили што ќе сообраќаат на бензин.

ЈП „Стрежево“ од Битола на 1 декември 2020 година набавило теренски возила, каде што исто така никаде не стои како услов дека возилата треба да бидат на електричен погон.

И Министерството за одбрана за потребите на СЕЕБРИГ на 27 ноември 2020 година набавило два автомобила што ќе возат на дизел гориво. Ваквите договори покажуваат дека нови службени возила се купуваат и од државните институции и од општинските власти, но сепак тие не се електрични.

Затоа пак, само во изминативе 2-3 месеци, според увидот што го направи „Мета.мк“ на Електронскиот систем за јавни набавки, може да се регистрираат огромен број на договори за набавка на гориво за постојниот возен парк на државните институции и општинските власти, кој пак претставува издаток што во иднина би можел да се намалува во случај да се набават електрични возила.