fbpx

Власта во Собрание ќе турка законски измени за враќање на владините реклами

-

Пратеници од владејачкото мнозинство во Собранието на РСМ доставија предлог-измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, којшто е закажан како точка на дневен ред на денешната 91-ва седница на парламентот. Законските измени се предложени од пет пратеници од власта, а со нив се бара бришење на членот 102 од Законот, со кој беше запрено одливањето државни пари за кампањи во приватни медиуми.

Владејачкото мнозинство предводено од СДСМ во првите 100 дена од владеењето во септември 2017 година го воведе членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој се прекина дотогашната пракса на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ за обилно владино рекламирање во медиумите.

Во предложените законски измени се наведува дека Владата има обврска во текот на една календарска година да спроведе најмалку една, а најмногу четири кампањи од јавен интерес на централно ниво. Собранието, пак, би формирало посебна Комисија за одлучување по кампањи од јавен интерес на централно ниво.

Со законските измени, освен што се трга забраната за ваквото рекламирање, се воведува и обврска државата и општините да имаат од една до четири јавни кампањи годишно кои ќе се емитуваат на комерцијалните радија и телевизии. Финансирањето на кампањите од јавен интерес се обезбедува од буџетот во висина од задолжителни 0,1 отсто.

Од нив, 80 отсто се наменети за кампањи од јавен интерес кои ќе се емитуваат само на национални телевизии, а останатите 20 отсто се наменети за регионалните телевизии и радијата на државно и регионално ниво.

Во врска со предложените измени, амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир во изјава за весникот „Слободен печат” рече дека измените на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги предложени по скратена постапка покренуваат важни прашања поврзани со независноста на медиумите и пошироко со јавниот интерес.

„Како што наведовме претходно, ваквите промени треба да бидат компатибилни со стандардите и најдобрите практики на ЕУ и да се направат врз основа на политички консензус и по консултации со сите релевантни чинители”, изјави евроамбасадорот Гир.

Инаку, владиниот портпарол Душко Арсовски и владиниот соработник за енергетика Виктор Андонов денеска најавија информативно-едукативни активности на владата под слоганот „Штедиме заедно денес за да имаме утре“. Владата најави дека ќе ги едуцира и мотивира граѓаните поефикасно да ја користат електричната енергија и да штедат струја, но од владата засега не најавуваат дека ваквите активности ќе се претворат во рекламна кампања со платени спотови во телевизиите и радио станиците.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Путин: Немаме намера да нападнеме земји членки на НАТО

Русија нема планови за напад на земјите членки на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но доколку Западот испорача ловци Ф-16 на Украина, тогаш...