Власта разгледува модалитети како да спроведе ветинг за судиите и обвинителите

-

ДУИ бара од коалициониот партнер СДСМ да поддржи ветинг (проверка) за сегашните и идните функционери, со што ќе се опфати судството, судии и обвинители, додека СДСМ сé уште чека да види што ќе се случи со реформите што се спроведуваат во судството.

Неофицијално, СДСМ, исто така, работи на изнаоѓање соодветни модалитети за таков процес, објавува „Порталб.мк“.

Пратеникот на ДУИ Артан Груби потврди дека коалициониот партнер на СДСМ има поднесено предлог во форма на закон за ветинг на функционерите.

– Ветингот е иницијатива и автономна политика на ДУИ, која веќе ја доставивме до СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за поддршка во форма на закон. Ветингот предвидува контрола и проверка на сите сегашни и идни функционери, обвинители и судии. По добивање на предлози или коментари од партиите, законот ќе го пуштиме во собраниска процедура – вели Груби.

Од друга страна, СДСМ вели дека реформите во моментов се спроведуваат, и тие не предвидуваат ветинг на судиите и обвинителите и очекуваат резултати од истите. Според нив, судиите засега може да бидат контролирани и од Антикорупциска, која може да го извести Судскиот совет доколку има наод.

– Во моментов, судските реформи кои се во тек се спроведуваат со експерти од Европската унија. Ние како партија остануваме во нашите напори да спроведеме реформи во судството, за правда и владеење на правото. Ако видиме дека овие реформи, во рок од шест месеци или една година, не го даваат очекуваниот резултат, можеме да го потегнеме ова прашање дури и со конкретни законски решенија. Во моментов, согласно спроведените реформи, постои законска можност некој судија да биде предмет на истрага преку Државната комисија за спречување на корупцијата. Значи, ако има индикации, Антикорупциска е должна да поведе постапка, а ако најде нешто, тоа е добра основа за Судскиот совет дури и да разреши одредени судии – така сакаме да ги спроведеме реформите – вели за „Порталб.мк“ пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Неофицијално, и СДСМ работи на изнаоѓање соодветни модалитети за таков процес, но од партијата не откриваат детали. Партиите Алтернатица и ДПА, иако ги контактиравме, не одговорија на нашето прашање.

Инаку, правните експерти проценуваат дека по донесувањето на реформските закони, Северна Македонија треба да спроведе оценување или ветинг за работата на судиите и обвинителите со цел да се исчистат судовите од оние кои работат под политички влијанија и да се врати довербата на граѓаните во судството.

Ветинг е процес кој служи за исклучување на јавните службеници кои немаат интегритет во извршувањето на своите должности и со тоа да се врати довербата на јавноста во работата на државните институции.

Процесот на ветинг по правило се врши со проверка на некое лице пред да му биде понудена работа. Зависно од работното место или проектот, процесот на ветинг може да се заснова на контрола на вештините, на личноста, имотот или било кој друг фактор поврзан со целта на ветингот. Таков процес веќе се одвива во Албанија.

Атила Бижен Жалили е нов сопственик на 85 отсто од акциите на ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар на својата страница на Фејсбук денеска објави дека нов сопственик на клубот со 85 отсто од акциите на клубот, е Атила Бижен Жалили. Тие го пренесуваат...