fbpx

Власта планира три милијарди и 144 милиони евра инвестиции во енергетиката

-

Претставувајќи го на прес-конференција вчера Интервентниот план за инвестиции 2021-2027, премиерот Заев посочи дека од вкупно планираните околу 8 милијарди евра инвестиции во следните шест и пол години, за енергетиката се планирани 3,144 милијарди евра.

Планот усвоен на владината седница во четвртокот вечерта, бил подготвуван уште од почетокот на најновиот владин мандат, од 1 септември минатата година.

 

Половина милијарда евра за една ветерна електрана

Како најкрупна инвестиција во енергетскиот сектор е германска инвестиција за 400 мегавати ветерна електрана во вредност од 500 милиони евра.

„Инвеститорот го достави целиот пакет на документација во Владата и веќе завршуваат финалните преговори. Позитивно е тоа што овде немаме обврска ниту за фидинг тарифи, ниту за премиуми. Се работи за инвеститор кој има веќе 5 000 мегавати изградено, од кои што овде на Балканот се 500 мегавати ветерници. Ќе направиме се да постигнеме договор и да влеземе во Парламентот со Законот за стратешки инвестиции“, порача Заев на вчерашната презентација на инвестицискиот план од 8 милијарди евра..

фотоволтаична централа Теново фото: Влада
фотоволтаична централа Теново фото: Влада

Во енергетскиот дел, како дел од планираните инвестиции премиерот ја наведе фотонапонската електрана од 100 мегавати, „тешка“ 70 милиони евра од странски инвеститори, во поранешниот јагленокоп Осломеј.

„Ова е постапка која успешно ја завршивме по пат на јавно приватно партнерство или издавање на концесии, каде државата бараше најмалку 10 отсто и со обврска инвеститорите да земат по 1 вработен по мегават односно 100 вработени од Осломеј за да трајно ги обезбедиме тие наши сограѓани. На крајот добиваме 18 осто од едната компанија , 18,5 отсто од другата компанија што ги помина сите наши очекувања, но веруваме тоа само ја потврдува Северна Македонија како одлична дестинација за инвестиции во фотонапонски централи“, нагласи Заев.

 

Дел од инвестициите ќе завршат во Грција

Следен, преку Електрани на Северна Македонија и Националните енергетски ресурси, е проектот Александруполи, вредноста е 400 милиони евра гасна електрична централа од 800 мегавати и 360 милиони евра терминал за природен гас.

„Нашиот удел е 10 отсто во терминалот за природен гас и 25 отсто во гасната централа во Александруполи во којшто ќе инвестираме 32 милиони евра. Убавината во гасниот терминал е тоа што има 178 милиони грант од ЕУ, каде што соодветно припаѓа грантот и на Северна Македонија“, рече премиерот Зоран Заев.

 

Фотонапонски електрани ќе се градат и во други делови на земјата

Тој најави дека наскоро ќе започне и изградбата на фотонапонската електрана во сопственост на државата во Осломеј. Таа ќе има капацитет од 10 мегавати, а за неа и за две исти такви електрани од по 10 мегавати во РЕК Битола, државата планира да потроши 28 милиони евра, од нив дел треба да дојдат од ЕУ и ЕИП од инвестициски фонд за Западен Балкан.

Заев зборуваше и за други помалку инвестиции од оваа категорија, главно инвестиции на фирми.

„Фотонапонски централи што се реализираат веќе и дел во следниот период ќе продолжат да се реализираат во Македонски Брод и во Свети Николе на државните локации, но и на многу други привлечни локации пуштивме веќе и во Неготинско, во Брвеница и на други локации, за 60 мегавати вкупната вредност е некаде околу 40 милиони евра. Фотонапонските централни во Кочани, исто така се приватни инвестиции на домашни компании, во вредност на инвестицијата од 5 милиони евра, завршени се постапките очекуваме почеток на изградба во следните неколку месеци“, нагласи премиерот.

Тој рече дека се завршени се постапките и дадени се лиценци од страна на државата за трите регионални ветерни паркови, Богданци од 30 мегавати, инвестиција на ЕНЕРГО системи Словенија и Австрија, со вредност од 50 милиони евра. Втората е во Свети Николе од 36 мегавати , домашен инвеститор ја добил лиценцата, а вкупната вредност е 60 милиони евра.

„Во текот на летото очекуваме и почеток на изградба и на ветерниот парк во Демир Капија, инвеститор е турска компанија која ги привршува своите постапки, вредноста на инвестицијата е 50 милиони евра за 30 мегавати ветерници“, порача Заев вчера при презентацијата на Интервентниот инвестициски план заклучно со 2027.

Огромна фотонапонска електрана со капацитет од 300 или од 350 мегавати ќе се гради на локацијата на предвидениот аеродром во Штип, а најверојатно таа ќе биде инвестиција на државата.

„Следно е големата надеж на енергетскиот сектор на Северна Македонија, а тоа е сопствена инвестиција која до крај ќе одлучиме дали е 100% наша инвестиција сопствена или ќе одиме со јавно приватно партнерство, но впечатокот е да одиме со сопствена инвестиција да остане 100% сопственост на државата. Станува збор за локацијата на порано предвидениот аеродром во Штип од 477 хектари комплетно државна сопственост во близина на големите трафостаници и далноводи, идеална локација на која што планираме меѓу 300 и 350 мегавати фотонапонска електрана, веројатно една од најголемите или ако не најголема на Балканот.
Самата инвестиција е 200 милиони евра, веруваме дека ќе најдеме начин на финансирање, без тоа да влијае на било кој начин на државниот долг. 350 мегавати се двата блока во РЕК Битола, едниот блок во РЕК Битола работи на 175 мегавати, нормално овде фотонапонските централни не работат 24часа, работат додека има светлина“, рече Заев.

 

Напредната постапката за „решавање“ на ТЕЦ Неготино и „Чебрен“

За ТЕЦ Неготино уште се очекува физибилити студијата, по која ќе се донесе одлука дали за неа ќе се одбере јавно приватно партнерство, концесија или продажба.

„Веројатно ќе биде јавно приватно партнерство, проект вреден околу 300 милиони евра. Инвестицијата треба да почне следната пролет дотогаш да се завршат сите правни постапки за самата оваа инвестиција, тоа е сериозен потенцијал на нови извори на енергија“, рече Заев.

Тој зборуваше и за инвестицијата во електрана на отпад, која би ја градел инвеститор од Луксембург, а кажа и дека во втора фаза е постапката за изградба на хидроелектраната „Чебрен“, инвестиција на ЕСМ, по пат на јавно приватно партнерство.

„Девет компании поминаа во првата фаза, се работи за инвестиција меѓу 500 и 800 милиони евра, ја квалификувавме како 600 милиони евра каде што очекуваме сериозно учество на ЕСМ со повеќе од 30% и веруваме заради условите кои ги нудиме овој пат дека оваа инвестиција ќе успее затоа што е регионална батерија, атрактивна и примамлива за многу светски компании од 9 компании имаме 2 кинески, 2 турски и 5 се европски џиновски компании“, обелодени Заев.

Тој најави и гасна електрана когенератор во постојниот Клинички центар, приватна инвестиција од 54 мегавати, во вредност од 20 милиони евра, како и гасна електрана во РЕК Битола од 200 мегавати,инвестиција вредна 100 милиони евра. Во втората фаза севкупниот план за затворањето на јаглените централни во периодот 2028, 2029, 2030 година, согласно европските укажувања, би се доградил капацитет од дополнителни 200 мегавати.

 

Цената на струјата ќе расте

Премиерот Заев рече дека цената на струјата ќе расте и поради овие инвестиции, но државата ќе развие планови за помош на социјално загрозените граѓани.

„Уште еднаш напоменувам инвестициите во обновливите извори на енергија, треба да знаат сите како што е насекаде во светот ќе ги чинат граѓани, заради тоа што ако сакаме здрава зелена енергија, таа се плаќа поскапо и нормално државата ќе развие планови за социјално помагање на сиромашните граѓани преку посебни програми каде што директно ќе интервенираме за нивното поднесување на сите нови политики околу либерализацијата на енергетиката во Северна Македонија и идниот раст на цените на струјата.
Оваа година не очекуваме раст на цените на струјата, затоа што имаме соодветни политики за да правиме меко спуштање на либерализацијата во време кога приватните компании се во слободниот пазар и не го покриваат тој гап што се јавуваше во покритието на цените на домаќинствата, но со соодветни стратегии поставени од државата веруваме дека ќе развиеме одлична стратегија која ќе предизвика огромни во милијарди евра инвестиции во фотонапонски централи за да можеме соодветно да направиме транзиција на енергетскиот сектор во Северна Македонија“, појасни премиерот на вчерашната презентација.

Следна е 70 мегавати фотонапонска централа на ЕФТ Србија, во вредност од 50 милиони евра, која би се градела кај Свети Николе, а Заев најави и инвестиција во електрична централа на биомаса од остатоци од дрво во Крива Паланка од 12 мегавати, „тешка“ 50 милиони евра.

На крајот, премиеро Заев се пофали дека минатата година е зголемено производството на енергија од обновливи извори на 827 мегавати што претставува раст од 10,1 отсто.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...