Од 2012 година, односно цели 12 години на агрегаторот на вести Тајм.мк функционираше секцијата за јавни набавки, односно сите заинтересирани граѓани преку овој сервис можеа да се информираат кои се најголемите тендери склучени меѓу државните институции и фирмите во последните неколку денови или месеци.
Податоците беа преземани како скрипта од веб-страницата на Електронскиот систем за јавни набавки, а сервисот на Тајм.мк нудеше нешто плус за граѓаните, кое беше од исклучителна важност за аналитичарите, бизнисмените, новинарите – полесно пребарување на податоците, нивно групирање и сумирање.
Па така, на пример, можеше да се дознае колку пари од тендери добила одредена фирма од 2008 година до денеска, колку пари потрошила некоја јавна институција во одреден период, односно на кои фирми им дала тендерите. Оти, како што вели основачот на Тајм.мк, Игор Трајковски, „многу ‘големи риби’ може да не се забележуваат во листата на најголеми тендери, но доколку се соберат сумите на сите нивни добиени тендери ќе се добие големата слика“.
Од вчера, и официјално овој сервис што го нудеше Тајм.мк веќе не постои. Причината за тоа, како што вели Трајковски, е што од Бирото за јавни набавки (БЈН) сметале дека „таквиот пристап го оптеретувал сајтот и не им дозволувал нормално користење на регистрираните корисници“. Биле упатени податоците да ги симнуваат рачно, или да ги пренасочуваат заинтересираните корисници на нивниот сајт.
Трајковски смета дека образложението од Бирото за јавни набавки воопшто не е издржано, односно дека со ова се спречува дистрибуцијата на јавни податоци за јавните набавки кои се всушност пари на даночните обврзници.
„Не може да се зборува за слободен пристап доколку нè ограничуваат како ќе ги пребаруваме резултатите. Моментално воопшто не е возможно автоматски да се
преземаат податоците, во одреден интервал и да се анализираат исто така автоматски. Потребно е човек да клика, што во ова денешно време нема никаква смисла“, вели Трајковски за Мета.мк.
Претходно, податоците се преземале преку следење на листата на најнови склучени договори, и доколку се појавел нов договор, се читале потребните податоци и се внесувале во база на податоци.
„Нормално, сето ова го правеше софтвер/програма која воошто не го оптеретуваше сајтот на БЈН. Само еднаш на час проверуваше дали има нови договори, и доколку има нови, ги отвораше тие договори да ги прочита податоците во нив“, објаснува Трајковски.
Дополнително, вели тој, веб-страницата за електронски набавки нема имплементирано никакви методи на „кеширање“, што е здраворазумска техника како да се направи еден сајт да работи побрзо.
„Немаат имплементирано најосновни техники за ефикасност на веб страна. На пример, доколку некој корисник постави некакво пребарување, а на сајтот му се потребни 30 секунди да одговори, и доколку 2 секунди покасно истото барање го постави друг корисник, сајтот наместо да го врати истиот одговор од пред 2 секунди (ако нема ништо ново сменето во базата), тие повторно пресметуваат и пресметуваат 30 секунди за да одговорат“, образложува Трајковски.
Тој вели дека постојат различни начини како да ги направат податоците подостапни за корисниците – вкупната база од сите податоци да ја објават на посебен сервер или на истиот, во .csv формат или ексел, па заинтересираните страни да можат слободно да ги преземаат и анализираат. На ваков начин е направен системот за дистрибуција на податоците за трансакциите на трезорот, „Отворени финансии“.
„Им понудивме неколку решенија, но не се заинтересирани за тоа. Едното е да овозможат пристап на нашите IP адреси за пристап со скрипта, ние би гарантирале дека нема да доаѓаат повеќе од два пристапа во еден час, и дополнителни колку што има нови договори. Нè изигнорираа. Им понудивме да ги постават податоците каде што автоматски ќе може да се преземат, ни на тоа не добивме одговор. Така што очигледно не им е до лесна дистрибуција на јавните податоци, туку сакаат максимално да го отежнат тој процес“, вели Трајковски.
Кој и да е мотивот, со укинувањето на оваа алатка што ја нудеше Тајм, граѓаните остануваат покуси за нешто што треба да е крајно транспарентен и лесно достапен процес – а тоа е да се следи точно каде и како се трошат парите на граѓаните, на еден едноставен начин, а притоа да се добие и поширока слика за евентуални „омилени“ фирми на власта.