Фото: Арбнора Мемети

Владејачката партија СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ на различни колосеци за главните политички настани што ѝ претстојат на земјава во 2021 година. По само седум месеци од предвремените парламентарни избори, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска повторно побара нови парламентарни избори во земјава, за кои тој смета дека треба да се одржат наесен заедно со редовните локални избори.

Како одговор на новинарско прашање, Мицкоски денеска рече дека пред изборите требало да се формира влада што ќе подготвела терен за одржување на парламентарните и локалните избори наесен.

„ВМРО–ДПМНЕ води разговори и со парламентарни опозициони партии, но и со парламентарни партии кои што се дел од власта, така што кога ќе имаме мнозинство во рамките на парламентот тогаш ќе излеземе во јавноста и тоа мнозинство ќе го презентираме“, изјави Христијан Мицкоски во однос на прашањето дали подготвуваат ново парламентарно мнозинство што ќе ја сруши актуелната власт.

Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев веќе во неколку наврати изјави дека следните парламентарни избори во земјава треба да се одржат во редовниот термин, во 2024 година. И завчера, Заев повтори дека приоритет годинава е одржувањето на пописот, но и редовните локални избори што треба да се одржат претстојнава есен.

„Тврдам дека нема да има предвремени парламентарни избори. Не знам кои космонаути гледаат од Месечината и како тоа ќе се случува, но јас тврдам дека вонредни парламентарни избори нема да има, зашто не носат ништо добро на државата. Впрочем и да има тие нема ништо да променат само можат да ги закочат развојните проекти“, посочи Заев.

Премиерот Заев веќе изјави дека доколку би имало сега парламентарни избори, тогаш СДСМ би освоил 50 пратеници, а ВМРО-ДПМНЕ би имала 40.

Земјава, додаде Заев, помина низ неколку фази на вонредни парламентарни избори и само изгуби.

„Кога се случуваат вонредни избори застанува буквално сè во државата, највеќе економијата“, изјави Заев, отфрлајќи ја идејата за одржување на предвремени парламентарни избори наесен.