Кривичниот совет на Апелацискиот суд Скопје ја прифати жалбата на актерот Владо Јовановски и му ја ја замени мерката притвор во истражен затвор, со мерка куќен притвор.
Пратеникот Крсто Мукоски, чии жалби денеска ги разгледуваше Апелација, останува во притвор. Второстепениот суд го одби негово барање притворот да му биде заменет со куќен притвор.
Тој пред Кривичниот совет на Апелацискиот суд се пожали дека психичкото здравје му е сериозно нарушено и оти не планира да бега.
Јовановски и Мукоски се меѓу 35-те осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.
Вчера, Апелацискиот суд потврди дека ги прифатил жалбите на организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски и Богдан Илиевски и на пратеникот Љубен Арнаудов, и дека мерката притвор во истражен затвор им ја заменил со куќен притвор и одземање на пасошите. Покрај нив тројца, Апелација им одреди куќен притвор и одземање на пасошите и на Јане Ченто, Иван Цветановски и на Оливер Радулов.
Во исто време, Апелацискиот суд одлучи поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков да остане во притвор, пратеникот Јохан Тарчуловски во домашен притвор, а отфрлени се жалбите и на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.
Во притвор остануваат и пратеникот Сашо Василевски, шефот на обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, началникот во МВР, Душко Лазаров и началникот на посебните и специјалните единици на МВР, Митко Пешов откако Апелација им ги одби жалбите и ја потврди одлуката на Кривичниот суд.