Интервју со Радован Никчевиќ, експерт за поврзување о Советот за регионална соработка на Западен Балкан за климатските промени, каде ги води секторите за енегргија и кологија, за соработката на Балканот и што ја отежнува, како и за за приоритетите на владите во овој сектор.

Со Никчевиќ разговаравме на министерскиот состанок за акција за човековата околината и климата кој се одржува во Скопје.

Господинот Свилановиќ денес изјави дека парите не смеат да бидат изговор за владите ништо да не превземаат во доменот на екологијата. Дали мислите дека се работи само за недостиг на пари или постои и недостиг на волја?

– Недостиг на пари постои, но ситуацијата е доста комплексна. Процесот на имплементација на мерките за заштита од последиците на емисии на штетни гасови и од климатските промени обично доцни зад ЕУ. Често се случува, додека ние тука работиме на имплементацијата на одредени прописи во националните законодавства, ЕУ да подготвува нови, апдејтирани документи. Освен тоа просторот на Западен Балкан е доста фрагментиран со шест недоволно силни економии со сопствени правни рамки и ја отежнува меѓусебната соработка, а ни фали и искуство во имплементација на големи проекти. Токму тоа ние во регионалната работна група за животна средина се обидуваме да го подобриме.

Во Македонија и во регионов, енергетиката почива на термоцентрали. Скапо и неефикасно производство на електрична енергија, а од друга страна енормно загадување како во случајот со РЕК Битола. Како да се натераат владите да се откажат од сегашното потпирање врз јагленот и да градат капацитети на обновливи извори на енергија?

DSC_0401

– Директивата за обновлива енергија, која е вградена во правните рамки на економиите на Западен Балкан е основ по кој се утврдени целите за користење на обновлива енергија до 2020 година. Сите земји работат на таа проблематика, со различен успех, па така Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија веќе ги остварија поставените цели за 2020 година. Откако ЕК во 2016 година го објави таканаречениот Зимски пакет, во ЕУ се работи на остварување на таргетот од 32 проценти производство на енергија од обновливи извори до 2030 година, додека намалувањето на стакленичките гасови е зацртано да достигне до 40 проценти, енергетската заедница на Западен Балкан сега работи и на таргетите за нашиот регион. Токму тоа ќе биде и главната тема на министерскиот состанок кој за една недела ќе се одвива повторно тука, во Скопје. Потпирањето на јагленот, во овој регион досега главно го диктираа условите на пазарот, бидејќи, за жал цената на енергијата од обновливите извори не беше конкурентна. Единствениот начин да се зголеми учеството на струјата од обновливи извори е со државна поддршка, со субвенции и со тнр.фид-ин тарифи за покривање на разликата во цени и стимулирање на инвеститорите да градат такви капацитети. Но, тука работите полека се менуваат. Цените на фотоволтаиците и на ветрогенераторите постојано паѓаат и стануваат конкурентни, а со процесот на аукции јакне конкуренцијата, цените од ваквата струја паѓаат и со самата економија на обемот се менуваат и условите на пазарот. Потребно е сите повеќе да работиме на проекти за „декарбонизација“ на енергетскиот сектор, преоѓање од користењето на необновливи извори односно фосилни горива за производство на електрична енергија и намалување на потрошувачка на енергија во јавниот сектор и во транспорт, кои се енормни потрошувачи или „буре без дно“.

Значи треба да чекаме нашите влади пазарот да ги тргне од „сонот за јагленот“?

– За жал, нашите влади имаат некои други приоритети, како на пример зачувување на социјалниот мир и економски развој додека заштитата на животната средина се потиснува на маргините за некои подобри времиња кои никако да дојдат. Тоа ние тука се обидуваме да го промениме.

Колку значат за една земја-кандидат како Македонија документите на ЕУ за климатски промени и за енергетската политика кога е таа заглавена со теми како термоцентрали и ендемско загадување?

– Ние самите ги превземаме и ги транспонираме во нашите национални законодавства во процесот на пристап кон ЕУ, а дел од тие прописи стануваат задолжителни за нас преку одлуките на министерскиот совет на Енергетската заедница на Западен Балкан во која членуваат и Украина, Молдавија и Грузија како се потписнички на Спогодбата за енергетската заедница. Но, токму тоа делумно прифаќање на прописи на ЕУ некогаш се прави несмасно. Илустративен беше примерот со воведувањето на таканаречените штедливи сијалици како дел од мерките за зголемување на енергетската ефикасност па така на пазарот на Западен Балкан осамнаа милиони такви сијалици кои навистина штедат преку 75 проценти енергија, но делот од прописите кои се однесуваат нив, а се дел од заштитата на животната средина, а тоа е едукација на корисниците и процедурите и соодветниот третман на отпадот од нив. А, каде е тука еколошката димензија ако таквите сијалици и нивниот опасен отпад во кој има жива, завршат во контејнер и на депонија?

Како можеме да воведуваме стандарди на ЕУ за заштита на животната средина кога некои базични предуслови не сме исполниле, да речеме место третман на отпад имаме нерегуларни депонии, на кои дури живеат и луѓе, шета стока? Цинично е законодавците во нашите земји да се занимаваат со нешто како штедливи сијалици ако не функционираат темелите на заштита  на животната средина …

– Мислам дека се свесни за ова и свесно ги избегнуваат обврските се додека тие можат да се избегнуваат, за жал. Поглавјето 27 за екологија е најскапото. Еве, темата за третман на отпадот – во нашите земји можете да сретнете корпи за селектирање на отпад и тоа убаво изгледа, но жално е што потоа ќе дојде камионот за собирање на отпад и содржината од сите три корпи ќе ги истури на куп и ќе ги однесе на градската депонија. Нема рециклирање,што е срж на системот за селекција. Во сите земји на западниот Балкан  работите, генерално, така стојат.

Ајде што не се рециклира за заштита на природата, зошто никој на овие простори не размислува дека третманот на отпад е и профитабилен бизнис?

– Мислам дека иницијалните инвестиции за такво нешто се превисоки бидејќи не се во прашање само постројките туку и воспоставувањето на целиот тој ланец.

МЖСПП беше ко-претседавач на денешната конференција, но дома овој владин ресор доживува сериозни критики за справувањето со загадувањето. Програмата за справување со аерозагадувањето содржи повеќе козметички отколку суштински мерки и мизерно мал буџет за реализација …

– Проблемот со аерозагадувањето во Македонија и во регионов уште лани на конференцијата во Бон беше препознаено како исклучително сериозен проблем. Но,освен Тетово, тука се уште шест градови од Западен Балкан. Нема друг излез освен да почнеме со сериозно намалување на употребата на фосилните горива и со примена на современи технологии кои овозможуваат поцелосно согорување, вградување филтри … Во спротивно – не ни се пишува добро.