Делегација предводена од секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски, и од членот на Советот на Град Скопје, Бранислав Саркањац, денеска положи цвеќе на гробот на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, и на гробовите на дел од загинатите во авионската несреќа, погребани во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел.
На гробот на претседателот Трајковски цвеќе положија и делегации од Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, државни институции, политички партии, претставници на дипломатскиот кор и на здруженија на граѓани.
Денеска се одбележува 12-годишнината од трагичната смрт на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.
Во авионската несреќа животите ги загубија и портпаролот на претседателот Трајковски, Димка Илкова-Бошковиќ, советниците на претседателот Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи, Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот, Марко Марковски и Бранко Ивановски.