Владимир Лукаш ја промовираше новата сликовница за деца „Ши, ѕифри, копчи“

Фото: Арс Ламина

Вчеравечер, во придружба на својата гитара, со музичко „читање“, авторот Владимир Лукаш ја промовираше својата нова сликовница „Ши, ѕифри, копчи“ илустрирана од полска илустраторка и графичка дизајнерка која живее и работи во Скопје, Наталија Лукомска, информираат од Арс Ламина.

Оливера Ќорвезироска, промоторката и уредичката на книгата истакна дека „Ши, ѕифри, копчи“ е збирка поезија за деца со многу интересна структура. Замислена е како „пеење“ на мечокот Гриз Ли, кој онеобичувајќи го светот околу себе нè води низ еден ден – од неговиот почеток до крајот, од будењето до заспивањето. Гриз Ли измислува зборови, наутро вели ШИ (наместо добро утро), напладне ЅИФРИ (наместо добар ден) и навечер КОПЧИ (наместо добро вечер).

Лукаш и Лукомска, на суптилен, забавен и игрив начин, со раскошни илустрации пренесуваат едукативна порака за младите читатели.

„Играта никогаш не смее да запре – велат децата, а возрасните, ете, понекогаш не го разбираат тоа. Форматот на раскажување на приказните секогаш мора да биде разигран, луциден и искрен. Како дете. Пишувањето за деца, колку и да се чини како многу одговорна работа – што и е – сепак за основа ја зема играта, а играта никогаш не запира: кога ќе заврши една, веднаш почнува друга, а првата седнува да земе здив и да направи план за некои идни палавштини. Играта е единствениот начин за елиминација на досадата, таа подмолна настинка на здравиот дух“, вели Владимир Лукаш.

Лукаш нагласи и дека цртежите на Наталија Лукомска им даваат нова димензија на песните, зашто и самите стануваат песни и можат да се интерпретираат на сосема поинаков начин.

„Тие решаваат да се дружат и заедно да појдат во нови авантури“, објасни авторот.

Владимир Лукаш е музичар, визуелен уметник, поет, прозаист и илустратор. Активно работи во сите сфери на уметноста и се јавува како автор и илустратор на повеќе книги. Автор е на „Дедлајна, љубов моја!“ (раскази за возрасни), „Радишански прелудиуми“ (минијатури за пијано), „Мамурлаци“ (поезија, коавторска со Александар Крстев), „Се гледаме наскоро. Е.“ (роман за возрасни, коавторски со Драгана Евтимова) и „Библиска етика“ (со група автори). Илустратор е на сликовниците „Дедо Миле“, „Чудесни апарати“ и „Плишаниот зајак“. Годинава ја објави арт-книгата „Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“.

„Ши, ѕифри, копчи“ е негова втора книга за деца, претходно го има објавено изданието со раскази за деца „Суштествијада“, каде што тој е автор и на текстот и на илустрациите. Има снимено повеќе кратки анимирани филмови. Има одржани девет самостојни изложби, а зад него се и многубројни гостувања и претставувања на реномирани фестивали и манифестации во нашата земја и странство.