Демократската партија на Турците на Македонија официјално стана дел од владеачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ. Со потпишување на договорот бројот на пратеници на коалицијата „Твоја Македонија“, се зголеми на 59 пратеници.

„Со овој договор се испраќа јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели. Партнерството е засновано врз доверба, заемно почитување и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани, додека пак, турската заедница останува нераскинлив дел од нашето општество, народ кој со својата работа, традиција и лојалност со децении придонесува за развојот на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Христијан Мицкоски проширувањето на коалицијата го смета како чекор во насока на зацврстување на парламентарното мнозинство и обезбедување политичка стабилност и предуслов за продолжување на реформите и реализација на проектите и обврските.

„Како претседател на политичката партија која во овој момент ја има најголемата доверба кај граѓаните и претставува најсилниот политички субјект во државата, некој можеби ќе очекува дека поради тоа сум задоволен. Но, искрено, не сум среќен кога гледам во каква состојба се наоѓа опозицијата. Бидејќи на државата ѝ е потребна силна, сериозна и конструктивна опозиција. Тоа е во интерес на демократијата, во интерес на институциите и, пред сè, во интерес на граѓаните“, изјави Мицкоски.