На 171. седница што вчера се одржа во Куманово, владата вети средства за замена на постоечките системи за затоплување во една градинка, едно училиште и во Центарот за култура во Куманово, а истовремено и за пристапен пат за претоварната станица за ѓубре во Ранковце.

Како што сопштија од владиниот сектор за информирање, на третата од вкупно 10 планирани седници што треба да се одржат во некои од градовите во десетте региони на државата, главната точка била информацијата за состојбите и извршените посети во општините Куманово, Крива Паланка, Кратово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане. Во седницата учествуваа и градоначалниците на овие општини, со свои предлози и забелешки за проекти што треба да се реализираат заеднички од локалните самоуправи и централната власт.

– За оваа седница имаме неколку предлози за донесување одлуки за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за општините Куманово, Центар, Чаир, Струмица и Свети Николе.Одлуката за одобрување средства на Општина Куманово се однесува на активностите кои ги преземаме за намалување на аерозагадувањето.Планираме да издвоиме 5,4 милиони денари за замена на постоечките загадувачки системи за греење во градинката „Пчелка“, во основното училиште „Браќа Миладиновци“ и во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – порача премиерот Зоран Заев.

Во Куманово, инаку, викендов, се одржа голем протест против загадувањето на воздухот.

На седницата во Куманово Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) доставило информација за обезбедување пари за пристапен пат до претоварната станица во општина Ранковце, кои се дел од проектот за воспоставување на самоодржлив систем за интегрирано управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион.

  • Вкупните трошоци за реализација на овој проект изнесуваат околу 40 милиони евра. За реализација на овој целокупен проект, со кој трајно ќе се реши управувањето со отпадот за Северно-источниот и Источниот регион, неопходно е да се исполнат одредени обврски од страна на општините и Јавните комунални претпријатија од двата региона, и оваа седница е добра прилика да разговараме и за тие прашања – посочи премиерот Заев.