Владата на 60. седница го усвои Протоколот за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на корона вирусот што важат за сите работни места и за сите луѓе на работното место, како што се работодавците, раководителите, работниците, договарачите, клиентите и посетителите.

„Протоколот вклучува мерки кои се однесуваат на личната хигиена и заштитна опрема, препораки за респираторната хигиена и физичкото дистанцирање во работните простории, како и редуцирање на патувања поврзани со работата, како и посебна организација кога е неопходно да се спроведат. Протоколот за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на Ковид-19 опфаќа и препораки и мерки за редовно чистење и дезинфекција на работната средина, постојана комуникација, обука и едукација за ризици, како и постапки кога е потребно менаџирање на вработените кај кои се појавуваат симптоми што одговараат на Ковид-19,“ информираат од Влада.

Владата ја дополни и Уредбата со законска сила примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба, со која е предвидено, во јавниот превоз на патници бројот на патниците во возилата да изнесува најмногу до 50 отсто од капацитетот на возилата за кои е задолжително да бидат опремени со маски, ракавици и возилата да се дезинфицираат.

Со оваа измена задолжителните мерки ќе се однесуваат и на правните субјекти кои вршат превоз на патници за сопствени потреби.