fbpx

Владата тврди дека нема долг кон ЈСП, Арсовска вели дека бесплатен јавен превоз ќе имало догодина

-

Владата попладнево демантира дека имаат долг кон ЈСП – Скопје. Ваквата реакција уследи откако секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров за утре во 12 часот најави протест пред Владата ако не се исплатат 2 милиони евра за бесплатниот превоз на учениците и студентите, а протест за еден час порано најави и синдикатот на ЈСП Скопје што ќе се одржи пред автобазата на ЈСП во Автокоманда.

Од Владата најостро ги отфрлуваат обвинувањата за каков било долг кон ЈСП – Скопје и велат дека ваквата состојба во којашто се наоѓа ЈСП е показател дека општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските.

„Ги повикуваме локалните самоуправи кои ги користат услугите на ЈСП – Скопје подобро да ги менаџираат своите буџети и редовно да ги подмируваат долговите кон јавното претпријатие, за да не се доведе во прашање неговото нормално функционирање во услови на економска и енергетска криза“, соопштија од Владата.

Исто така, како што е наведено во соопштението, согласно документацијата на Министерството за образование и наука, ова министерство редовно ги сервисира своите обврски кон сите субјекти со кои има регулирани законски надлежности, или пак со кои има склучени договори по разни основи кои иницираат финансиски обврски, што не е случај и со ЈСП – Скопје.

„Што се однесува на студентските картички за попусти, Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, пришто средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, во календарската година, не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022 година, студентите не посетуваа настава со физичко присуство на единиците во состав на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје“, потенцираат од Владата.

Од Владата додаваат дека имаат интенција кон постојано унапредување и проширување на можностите за поддршка на студентите што многупати досега е потврдено преку воведување на нови категории на стипендии, преку зголемување на износите на стипендиите, преку воведување на субвенциониран студентски оброк, доделување на ваучери за поддршка при студирањето и така натаму.

„Со нормализирањето на наставата со физичко присуство секако дека во Буџетот на државата за 2023 година ќе се обезбедат и средства за превоз на студенти и доколку наставата продолжи со физичко присуство, по усвојување на владина одлука, истите би биле префрлени на ЈСП. Во меѓувреме, заедно со ЈСП ќе ги разгледаме можностите за поддршка во делот на превозот на студентите за тековниот и преостанатите два месеци од годинава доколку наставата во истите продолжи со физичко присуство“, велат од Владата.

На денешната прес-конференција, Глигоров не прецизирајќи за кои општини станува збор и за што точно должат, рече дека неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари.

Инаку, денеска прес-конференција одржа и градоначалничката Данела Арсовска, која на новинарско прашање се осврна и на своето предизборно ветување за бесплатен јавен превоз.

Таа одговарајќи на новинарско прашање, посочи дека во втората половина на 2023 година граѓаните на Градот Скопје ќе имаат бесплатен јавен превоз. Но, иако Владата со години наназад го субвенционира работењето на ЈСП Скопје, Арсовска порача дека  дека не треба да се прашува како ќе има бесплатен јавен превоз, туку и локалната и централната власт треба да си ги платат своите обврски.

Со реакции и обвинувања денеска се огласија и партиите.  Советничката група на  ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата бараат итна вонредна седница за спас на јавниот превоз, на која најавија дека ќе достават одлука за префрлање средства на ЈСП и приватните превозници.

Од СДСМ рекоа дека вината за овој колапс е целосно во локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје и нивната градоначалничка.

„Заради неспособност, заради тендери и провизии, заради рацете во медот на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, градскиот превоз во Скопје и ЈСП се доведени пред колапс. Наместо бесплатен превоз Скопје е на раб да остане без градски превоз, нешто што досега не само што се нема случено, туку е незапаметено“, истакнаа од СДСМ.

Јавниот автобуски превоз во Скопје пред колапс, претпријатието бара пари од Владата

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...