Владата го повлече од собраниска процедура Предлог на закон за средното образование, второ читање, соопшти денес претседателката на собраниската Комисија за образование, наука и спорт, Иванка Василевска.
Пратениците на Европскиот фронт под водство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразија задоволство од одлуката на Владата и побараа еден час пауза за координација.
„Владата со допис од 20 декември го повлекува Предлог-законот за средно образование, во второ читање“, изјави Василевска.
Илире Даути и Арбана Пашоли од коалицијата на Европскиот фронт изразија задоволство од повлекувањето на Законот, посочувајќи дека не се согласувале со неколку ставови во овој закон, особено со член 54 со кој се предвидуваше интонирање на државната химна, за што одлучува основачот, на прослава на денот на средното училиште (патронат), на почетокот и на крајот на наставната година и завршувањето на средното образование.
Според Даути, тоа треба да ја рефлектира мултинационалната разноликост и потребна е дебата за ваков закон.
На дневен ред на комисиската седница се и Предлог-закон за образование на возрасни, Предлог-закон за стручно обрзование и обука и Предлог -закон за измени и дополнувања на Законот за основното образование, сите во второ читање. За овие закони се поднесени триесетина амандмани.
Пред повеќе од еден месец, на 15 ноември, реакција за предлог-законите за основно и средно образование имаше од Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД). Тие изразија загриженост заради можноста усвојувањето на овие закони да значи назадување наместо унапредување на заштитата на учениците од дискриминација и насилство во образовниот процес.
Законските измени за основно и средно оставаат простор за дискриминација, предупредуваат експертите