Владата размислува субвенциите до 3.000 евра за нови автомобили да ги замени со намалување на ДДВ на 5 отсто

Министерството за економија и работната група за субвенциите за автомобили сериозно ја разгледуваат можноста наместо да доделуваат од 2.000 до 3.000 евра за носење на стариот нееколошки автомобил во отпад и набавка на нов автомобил, да го намалат ДДВ-то за увоз на нови или стари автомобили со еуро 5 и еуро 6 стандард.

Со тоа целосно би отпаднала варијантата што министерот за економија Крешник Бектеши ја најави на прес-конференцијата на 31 јули годинава, кога ги образлагаше одредбите на законот изгласан претходниот ден.

Тоа стана јасно од одговорите на Бектеши во вчерашното интервју во „Економски магазин“ на „Алсат-М“, кога рече дека најдоцна до крајот на месецов ќе го потпише правилникот за субвенционирање на вградувањето плински или метан уред во автомобилите.

Со нив се предвидува да се додели субвенција од 50 до најмногу 75 отсто, односно до 300 – 400 евра, во зависност од уредот, за секој уред за течен нафтен гас или за метан што ќе биде вграден во возилата во периодот откако ќе биде објавен јавниот повик.

Што се однесува до субвенциите за набавка на нов автомобил, за кои претходно зборуваше, Бектеши рече дека сега има и втора варијанта.

– Мерката за субвенционирање на купување на нови возила со одјава на старо возило има за цел да се зголеми увозот на нови возила во однос на половните и значително ќе се забрза обновата на возниот парк, што значително ќе се влијае на намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух. Се предвидува да се делат субвенции од 2.000 – 3000 евра во денарска противвредност за набавка на ново возило, и во првата година се предвидува да бидат опфатени над 200- 500 возила – рече Бектеши на 31 јули.

Во вчерашното интервју, пак, тој рече дека сериозно се размислува за втора варијанта, со која во период од половина до една година би се намалил ДДВ за увоз на нови или користени автомобили од странство со најмалку еуро 5 стандард.

– Моментално паралелно работиме на нова мерка и ги анализираме сите параметри и финансиски импликации во врска со оваа мерка, имајќи предвид дека буџетот е ограничен. Ние моментално работиме и уверен сум, врз основа на претходните информации кои јас како министер за економија и работната група ги добивавме, би било во интерес на граѓаните, за истовремено да се опфатат повеќе граѓани, со измени на законот за ДДВ, да го намалиме овој данок од 18 отсто на помалку од пет отсто, но за возила кои ги исполнуваат стандардите – над еколошкиот стандард еуро 5. Нашите прогнози кажуваат дека може да почнеме од јануари следната година – рече Бектеши.

Инаку, иако претходните верзии на предлог-законот точно предвидуваа субвенции од 2.000 до 3.000 евра за старо возило што ќе се однесе во отпад а потоа се купи нов автомобил, во конечната верзија е тоа не стои како бројка, туку само е предвидено дека Владата треба да донесе програми за субвенционирање на предлог на министерот за економија.

Мерката за намалување на ДДВ би била еднаква како мерките за царински олеснувања на увозот на користени возила од странство што беа на сила од 2010 година, со кои земјата се наполни со стари автомобили кои во западните земји можеа да завршат најчесто само на отпад.