На вчерашната седница, Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на територијата на државата заради зголемена појава на пожари, со времетраење од 30 дена.

Како што информираат оттаму оваа одлука е донесена врз основа на седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи поради сложената состојба на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина, имотот и безбедноста на граѓаните.

„Се овозможува интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции – армијата, полицијата, противпожарните единици, ЦУК, ДЗС, како и на другите ангажирани структури. Ќе се овозможи брза мобилизација, вклучување на сите човечки, технички и логистички, за справување со ситуацијата и заштита на населението. Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја, со приоритет на безбедноста на населението“, велат во Владата.

Оттаму им се заблагодарија на пожарникарите, војниците, полицијата, волонтерите и граѓаните кои веќе денови пожртвувано се борат со огнената стихија.

„Ги повикуваме граѓаните на максимална внимателност и почитување на сите препораки и забрани, со цел заеднички да ја надминеме оваа состојба. Владата останува целосно ангажирана и ќе продолжи преку дневна координација да ги следи состојбите на терен и да реагира соодветно“, се додава во соопштението.