На денешната редовна 170. седница, Владата го утврди текстот на дополнетиот предлог-буџет 2020 година.

„Владата прифати 12 амандмани за измени и дополнувања на предлог-буџетот 2020, што произлегоа од расправата за буџетот во собраниските комисии, и донесе одлука текстот на дополнетиот предлог-буџет за 2020 година да биде пуштен во Собранието на усвојување“, информираат од таму.

На оваа седница на предлог на Министерството за финансии, Владата ја усвои ревидираната Фискална стратегија 2020-2022 година.

„Ревидираната Фискалната стратегија е во согласност со Законот, се усвојува за период од три години и со неа се предлагаат насоките и целите на фискалната политика, основните макроекономски проекции и показатели, се утврдуваат износите за главните категории проценети приходи и одобрени средства за тој период, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот“, се додава во соопштението на Влада.

На денешната затворена седница, Владата исто така ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори на нашата земја на следните дестинации: Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг.

Листата ќе биде доставена до претседателот на државата Стево Пендаровски.