Владата на вчерашната седница донесе одлука за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите со која расходите на министерства, Собранието, Претседателот на државата и други државни органи, агенции и тела се намалуваат за околу 6,5 милијарди денари или 106 милиони евра.

Меѓу другите, намалување од 50 милиони денари (813.000 евра) има и на поддршката за печатење и дистрибуција на печатените медиуми.

Според одлуката објавена во Службен весник, најголем дел од овие средства односно околу 5,9 милијарди денари (96 милиони евра) ќе завршат на сметката на Владата, а се наменети за разни субвенции и трансфери при спроведување на мерките за справување со кризата од корона вирусот.

Останиот дел од парите ќе се префрлат на сметките на Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за млади и спорт и на буџетската сметка за финансирање на дејности од областа на културата и исто така ќе се искористат за спроведување на мерки против корона вирусот.

„Мета.мк“ вчера објави дека Светската банка очекува рецесија во земјава поради кризата предизвикана од корона вирусот. Оттаму препорачаа дека со ребаланс на буџетот треба да се променат приритетите за трошење.