Советот за македонски јазик, стручно тело при Владата на Република Северна Македонија, отпочнува јавна расправа за консултации за Предлог – законот за употребата на македонскиот јазик, соопштуваат од владината прес – служба.

Во предложениот Закон, со промените се предвидува задолжително ангажирање или вработување на лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи и институции, како што се Владата, Собранието и министерствата, па сè до локалната власт, универзитетите, научните институции, средните и основните училишта, медиумите и сите други чинители во општествениот живот во земјава, како во државниот така и во приватниот сектор.

„Со Предлог – законот се утврдува и задолжително изучување на македонскиот јазик на сите високошколски образовни установи во два семестри, што не беше практика досега. За првпат се предвидуваат стипендии за студентите по македонски јазик и литература на сите три циклуси на високото образование и на сите универзитети во државата“, се наведува во владиното соопштение.

Согласно измените на предложениот Закон, предвидена е натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, на високошколските и научните установи што се занимаваат со славистика. Ова особено се однесува на соседните држави, како и на земјите од поширокото соседство: Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Италија, Унгарија, Романија и Турција.

Исто така, во новиот Закон се предлага, македонскиот јазик да се изучува и во рамките на културните центри при македонските амбасади во странство, како одговор на желбите и предлозите на Македонците во дијаспората, информираат од владата.