Фото: Viki Mohamad on Unsplash

Од 1 октомври годинава, неделата да биде неработен ден, предлага Владата. Измените на Законот за работни односи и на Законот за трговски друштва, што Владата ги усвои на денешната седница, се донесени во договор со работодавачите и синдикатите, објасни на денешната прес конференција премиерот Зоран Заев. Останува тие да бидат изгласани во Собранието.

„Неделата станува неработен ден, ден на одмор. Ја продолжуваме поддршката и грижата за работниците, а во фокусот на вниманието беше значењето и рамнотежата меѓу професионалниот и приватниот живот. Владата го имаше ова како ветување и приоритет во програмата. Со ова се прави исчекор кон унапредување на работничките права и продолжување на поддршката за работниците, посебно за оние кои работат и во недела“, рече Заев.

Според предложените законски измени, трговците ќе работат од 10 до 18 часот, а исклучоци се предвидени за оние дејности кои не можат да го прекинат работниот процес. Работниците кои ќе работат и во недела, ќе добијат дневница најмалку 50 проценти повисока од редовната, и слободен ден што ќе го користат во наредните седум дена.

Практичното спроведување на новите законски одредби ќе го контролира Државниот инспекторатот за труд (ДИТ), а работодавачите кои ќе работат во недела ќе мора претходно тоа да го пријават во ДИТ.

Според министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, работодавачите кои ќе го прекршат законот ќе имаат забрана за работа од 15 дена и ќе им се издаде прекршочен патен налог. Ако го повторат истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена.

„Во периодот на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок за плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа не може да го намали бројот на работници“, појасни Шахпаска.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека неделата ќе биде неработен ден за сите работници освен за одредени исклучоци. Тој објасни дека во недела ќе можат да работат продавници за продажба на сладолед, колачи, апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари во туристичките места, утврдени со Законот за туристичка дејност.

Продавниците на бензиските станици и во трговските центри ќе можат да работат само една смена, а истото важи и за продавниците за трговија на мало со храна, пијалаци и тутун, како и за зелените пазари.

„Со измените во Законот за туристичка дејност е предвидено, додатокот на плата за работа да изнесува 100 проценти за секој час поминат на работа во недела и за празници. Исто така, за трговските субјекти кои ќе работат во недела се утврдува надоместок од 2 отсто од вкупниот приход остварен минатата година, во неделите и  празниците, а тие средства ќе се инвестираат во детските градинки“, рече Бектеши.