Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски денеска на прес-конференција во Владата, ги соопшти резултатите од реализацијата на средствата од Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018 година.

Од вкупно 13 пристигнати барања, одобрени се средства на 11 новинско-издавачки компании, при што, согласно критериумите, им се распределени 42.568. 620 денари (692.173 евра) од вкупно 50 милиони денари за поддршка на печатените медиуми што беа предвидени за оваа намена во буџетот за 2018 година.

Овие средства од Буџетот, наменети за поддршка на печатените медиуми на компаниите издавачи им се доделени за веќе остварени трошоци и тоа на весниците на македонски јазик во висина од 50 проценти за направените трошоци за печатење и 50 проценти за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 70 проценти за направените трошоци за печатење и 70 проценти за трошоците за дистрибуција.

„Иницијативата за поддршка на печатените медиуми дојде од страна на Здружението на новинарите на Македонија, кое потоа реализацијата на овој проект го препушти на Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми на (АЗПМ), кое, во соработка со Владата ги подготви критериумите според кои, Комисијата на Генералниот Секретаријат на Владата, во која членуваа и двајца претставници на АЗПМ, ги распредели предвидените средства за поддршка на неделните и дневни, национални и локални весници во земјата“, соопшти Поповски.

Претседателот на Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми Лирим Дулови, на прес-конференцијата ја изрази благодарноста за оваа поддршка за егзистирањето и работата на печатените медиуми и истакна дека Македонија е единствената земја од регионот која оваа иницијатива ја спроведува според модел кој веќе се применува во повеќе земји членки на ЕУ.