Владата на 172. седница донесе Одлука за започнување на постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Македонија.
„Владата ги задолжи надлежните институции во рок од три дена до Министерството за економија да достават номинации за член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката за доделување на Договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас на територијата“, се вели во соопштението на Влада.
Директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи неодамна појасни дека преку јавно-приватно партнерство, цената за приклучок ќе биде поевтина односно 100 евра, наспроти 800 евра што сега домаќинствата ги плаќаат во Куманово и Струмица.
„Цената за кубен метар гас ќе биде далеку поевтина во случај да има еден оператор, отколку ако бидат повеќе оператори со различни тарифи. Затоа што ако Регулаторна комисија ги пресметува тарифите, ги пресметува врз основа на трошокот за инвестирање и одржување и во таков случај тој трошок ќе биде многу голем, а тоа го плаќаат граѓаните“, појасни Реџепи.