Владата на вчерашната седница ја донесе Уредбата со законска сила за финансирање на организирање и реконструкција на јавните површини во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје за време на вонредната состојба, информираат од владината прес-служба.

Со оваа уредба се утврдуваат финансиски средства во висина од над 1,2 милиони евра за обезбедување на поефикасно функционирање на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, за овозможување на укажување на здравствени услуги, пренесување и транспорт на пациенти заболени од заразната болест корона вирусот Ковид-19 и непречено функционирање на останатите клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во услови на зголемен обем на работа за време на вонредна состојба.

„Според Член 2 од оваа уредба, финансиското учество на Владата е за трошоци за реконструкцијата на улици и тротоари, пробивањето на нови влезови, одвојување на автомобилскиот и пешачкиот сообраќај и непречено движење на интерхоспиталните и интервентните возила и возилата на Итна медицинска помош, докторите и пациентите на клиниката, како и расчистување на јавните површини на просторот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ Скопје“, се наведува во соопштението.

Средствата утврдени со оваа уредба, Министерството за финансии ќе ги префрли на Град Скопје, кое ја реализира реконструкцијата на јавните површини во кругот на Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“, во координација со скопските јавни претпријатија.