Владата усвои изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за формирање Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Ковид-19. Оваа измена ги опфаќа сите радиодифузери во земјата, на кои ќе им се покријат трошоците за 2020 година кон операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс за дозволата за емитување, информираат од Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА).
Вкупната сума предвидена за оваа намена изнесува 31.732.390,00 денари или 515.974,00 евра.
Одлуката била донесена по направени анализи за последиците од влијанието на Ковид-19 врз националните, регионалните и локалните телевизии кои изминатиот период се соочиле и сè уште се соочуваат со потешкотии во работењето. Било констатирано дека кризата предизвикала сериозни финансиски импликации во нивното работење.
„Ако се земе во предвид дека медиумите се еден од клучните фактори во едно демократско општество, тогаш очигледна е потребата да се излезе во пресрет за надминување на овие состојби, како што беше направено и во останатите погодени сектори. Оттаму, а по спроведени анализи и разговори со сите засегнати страни за начинот на којшто е најсоодветно да се обезбеди помош, се констатираше дека доколку се намират нивните долгови настанати заради користење на дигитален терестријален мултиплекс, ќе се намалат последиците предизвикани од пандемијата,“ се додава во соопштението.
Средствата за подмирување на долгот ќе бидат превземени до Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Ковид-19.
„Тие ќе се исплаќаат врз основа на извештај за настанати долгови доставен од страна на операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс, за надомест на трошоците на радиодифузерите, кои од регулаторното тело надлежно за работите од областа на радиодифузија добиле дозвола за емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, за дигитализација за 2020 година, до Генералниот секретаријат на Владата. На овој начин, подеднакво ќе им се помогне на сите национални, регионални и локални телевизии, и тоа конкретно во делот на дигитализацијата, аспект што се покажа особено важен, а многу често и неопходен за непречено функционирање во новонастанатата состојба предизвикана од корона вирусот,“ се додава во соопштението.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.