Фото: Влада на РСМ

Владата ја подготви одлуката за определување на финансиски средства за општина Ресен во висина од 80 милиони денари кои ќе бидат наменети за чистење на површините на Преспанското Езеро каде што водата е повлечена, особено во делот кај некои од плажите, изјави премиерот Зоран Заев, на денешната посета на преспанскиот регион и обиколка околу Преспанското Езеро, каде беше со градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.

Премиерот додаде дека чистењето на овие површини од тињата и од остатоците од дрва и друг материјал ќе се изврши со посебни бродови опремени за таа намена кои нема да наштетат на биодиверзитетот, а ќе го овозможат понирањето на водата и сигурен и стабилен воден режим посебно во летниот период.

„Излезните решенија за ревитализација на Преспанското Езеро ќе се организираат во три фази, а првата фаза која опфаќа анализи, студии, препораки, средби на засегнатите страни, во голем дел е веќе спроведена, додека за следните две фази клучна ќе е иницијативата и кај соседите, поради што ќе побараме трите земји да му дадат нова динамика и на проектот за комплетна заштита на Преспанското Езеро поддржан од Европската Унија“ изјави Заев.

Во рамките на втората фаза на ревитализација се предвидени и мерки за напредок на активностите за изградба на современи прочистувачи на сите отпадни води кои се влеваат во Преспанското Езеро.

При обиколката, градоначалникот Гошаревски изјави дека општината постојано ја следи состојбата со нивото на езерото преку мониторинг станицата во Стење.

„Следејќи го падот на нивото на езерото, веднаш ги алармиравме сите надлежни институции, на кој аларм, беше одговорено енергично и од Владата и од Министерството за животна средина. Преку средби со министерот, но и со експерти кои се занимаваат со оваа проблематика и како резултат на тоа произлезе и акцискиот план за заштитата на езерото. Проблемот е комплексен и ќе се решава од страна на трите држави кои го делиме езерото“ изјави градоначалникот Гошевски.