Дел од мерките кои Владата ги предвидела во Програмата за намалување на аерозагадувањето за ревитализација на зеленилото во Скопје се и подигнување на зеленило со средствата добиени од изградбата на гасоводот на Водно, редизајнирањето на јавните запуштени површини, посебно локациите покрај Kејот на реката Вардар и покрај Лепенец, стимулирањето на изградбата на зелените покриви како и трансформација на други запоседнати површини кои се во општини кои се дел од градот Скопје.

„Ние очекуваме, во рамките на овие пет мерки да се направи видлива разлика, се разбира покрај сите оние други мерки“, рече Јани Макарадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање, одговарајќи на прашањето зошто Владата, во презентираниот „План за чист воздух“ не предвидела чекори за спречување на натамошното уништување на зеленилото и прекумерната урбанизација, како на пример, спроведување на мораториум на градење во централното градско подрачје заради зачувување на се пореткото зеленило во Скопје.

На прашањето до кога место зелени површини во Скопје ќе никнуваат згради, заменик-министерот Макрадули истакна дека е донесен Законот за зеленило како и Правилник за спроведување на овој закон, кој наскоро стапува на сила и кој што го регулира начинот на градење, односно што се случува со една градежна парцела, колкав е процентот на зеленило кое треба да биде присутно на таа парцела. И тоа, како што рече, ќе биде составен дел во процесот за добивање на дозвола.

Пишува: Југослава Дуковска