Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата работи на решение за прашањето со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, по протестите што се одржаа пред неколку недели и најавата на студентите за нов протест на 18 мај.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека е уверен оти Владата наскоро ќе излезе со предлог-решение, кое, според него, ќе биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија и со меѓународните стандарди.

„Тоа е прашање на кое ние како Влада работиме и убеден сум дека многу скоро ќе излеземе со предлог-решение. Убеден сум дека тоа предлог-решение ќе биде согласно препораките на Венецијанската комисија и согласно меѓународните стандарди“, изјави Мицкоски.

Премиерот ги повика сите што се дел од процесот да бидат трпеливи, додавајќи дека постојат политички сили кои, како што рече, не сакаат да видат напредок и реформи во земјата.
„Ги замолувам сите оние кои се дел од овој процес да бидат трпеливи. Има политички сили во државата кои не сакаат да видат земја што е напредна, земја во која има реформи, туку би сакале повеќе во земјата да има конфликт и немир“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека тие политички сили имале повеќе од 20 години можност да го решат ова прашање, но дека, според него, не само што не го решиле, туку дополнително го усложниле и создале бројни проблеми.

Мицкоски додаде дека Владата ќе излезе со решение за ова прашање и дека работни групи веќе работат на неговата подготовка.

„Ние како Влада ќе го решиме ова и ќе излеземе со решение за ова прашање. Работни групи веќе работат на ова решение. Сите стандарди ќе бидат испочитувани што еден ваков закон треба да ги има“, изјави премиерот.