Владата во првата половина на годинава, во соработка со УСАИД, ќе спроведе тест за проценка на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници и надворешни соработници. Ова го најави вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот Љупчо Николовски на денешната прес-конференција презентирајќи ги идните мерки од владиниот план наречен „Акција 21 – европски стандарди дома“.

„Во Новата 2021 година продолжуваме со имплементација на препораките од ГРЕКО. Во првата половина на годинава, во соработка со УСАИД ќе се спроведе тест за проценка на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници и надворешни соработници“, рече Николовски.

Исто така, Николовски посочи дека во соработка со Министерството за правда, Владата ќе се фокусира на екипирање и дигитализација на истражните центри во Јавното обвинителство со цел побрзо решавање на предметите.

Тој најави дека годинава година ќе започне и целосно воспоставување на проектот за интероперабилност меѓу антикорупциските институции.

„Преку овој проект ќе се овозможи безбедна и ефикасна размена на податоци за предмети поврзани со корупција, по електронски пат. На тој начин, ќе имаме брзи и ефикасни резултати во решавањето на случаите за кои постои сомнеж за корупција“, порача Николовски.

Вицепремиерот за антикорупција најави и строга контрола врз проверките за можни корупциски случаи.

„Никој нема да смее да затајува и забавува случаи каде има сомнежи за корупција. Ние никого нема да осудуваме однапред, но имаме задача и обврска сите информации веднаш да ги предадеме кај надлежните институции, за процесите брзо да се завршуваат. Ако има корупција следи казна, ако нема корупција, продолжуваме понатаму“, рече тој додавајќи дека годинава Владата ќе воведе електронски систем за инспекција „Е-инспектор“, којшто ќе овозможи електронско поврзување и работење на сите 28 инспекциски служби.

„Со овој систем ќе се намали субјективното влијание на инспекторот за време на инспекцијата“, изјави вицепремиерот Николовски.

Вицепремиерот најави и формирање единствен регистар на недвижности за сѐ што е во државна сопственост, како и регистар на подароци, за да се контролира постапувањето со државниот недвижен имот.